АКО ИМАЛО ХИБРИДНИ НАПАДИ, ЗОШТО НЕ ЗАСЕДАВАШЕ СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И НЕ БЕШЕ ИЗВЕСТЕН НАТО, ПРАША ФИЛИПЧЕ

    АКО ИМАЛО ХИБРИДНИ НАПАДИ, ЗОШТО НЕ ЗАСЕДАВАШЕ СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И НЕ БЕШЕ ИЗВЕСТЕН НАТО, ПРАША ФИЛИПЧЕФилипче побара итни анализи на почвата, воздухот и водата од страна на странска акредитирана лабораторија по пожарите во Дрисла, Вардариште и Трубарево. (архивска фотографија)

    Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, ги отфрли тврдењата на власта дека пожарите во депониите се резултат на хибридни напади, прашувајќи зошто Владата не ги активирала државните безбедносни механизми ако заканата била реална.

    На денешната прес-конференција, Филипче истакна дека доколку навистина постоела закана од странски центри на моќ, реакцијата на институциите ќе била сосема поинаква.

    „Ако беше така како што кажува премиерот, ако навистина сме под напад или закана на некои хибридни напади, тогаш прво, требаше да заседава Советот за безбедност. Требаше на терен да излезе Армијата, требаше во јавност да излезе министерот за одбрана, требаше да се активираат сите безбедносни служби во државата и да се извести НАТО како наш стратешки партнер. Ништо од тоа не се случува“, изјави претседателот на СДСМ.

    Според него, наместо да се бараат изговори во наводни напади, Владата треба веднаш да се справи со последиците од еколошката катастрофа по пожарите во Дрисла, Вардариште и Трубарево.

    Тој побара итни анализи на почвата, воздухот и водата од страна на странска акредитирана лабораторија, бидејќи, како што рече, постои сериозен ризик од загадување со тешки метали и канцерогени материи како диоксини и фурани, кои можат да влезат во синџирот на исхрана.

    Филипче, исто така, повика на итна и детална анализа на работата на сите депонии во земјата за да се утврди дали работат легално, дали имаат соодветни лиценци и дали се наоѓаат на безбедна оддалеченост од населените места, со цел да се спречат идни кризи.

    Вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски, по посетата на просторот во скопско Трубарево, откако таму избувна пожар во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ за отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад.

    „Сакам да упатам апел до граѓаните дека вакви подметнувања, диверзии, ќе има и во периодот кој следи. Затоа што има центри на моќ, во државава но и надвор, кои не сакаат оваа Влада да успее. Но, ние ќе се бориме. Тие ќе продолжат да подметнуваат, да креираат, да лешинарат, а ние ќе продолжиме да работиме, да се бориме и да победиме“, рече Мицкоски во првата изјава која следи 24 часа откако избувна пожарот.

    Новинарите инсистираа да каже повеќе информации, откако претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов рече дека Македонија е мета на хибриден напад, но премиерот рече: „Ова е доволно. Тоа што мислев кажав. Имам информации од органите, нападите доаѓаат од центри во државата и надвор“.

    На 13 септември, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали и што ќе преземе за одбрана и заштита од нападот, со оглед на изјавата на директорот Ангелов, од Владата одговорија дека се преземаат сите активности, сите институции во целост се посветени на разрешување на случајот.

    „Министерството за внатрешни работи истражува, институциите се на терен и навремено и постојано ќе ја информираме јавноста за сите чекори кои ги презема Владата со цел гарантирање на безбедноста на граѓаните“, одговорија вчера од Владата.

    На 13 септември, веднаш по изјавата на Ангелов, САКАМДАКАЖАМ.МК. испрати прашање и до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дали ќе свика итна седница на Советот за безбедност. Во 23.05 часот, Кабинетот на претседателката одговори:

    „Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е целосно информирана и за пожарите во депониите Вардариште и Дрисла коишто се надлежност на Градот Скопје и за пожарот во објектот кај Трубарево. Таа ја следи состојбата и е во постојана комуникација со сите надлежни институции коишто работат на утврдување на причините за пожарите, на санирање на последиците и на превенирање на слични идни инциденти. Советот за безбедност ќе биде свикан доколку проценките на надлежните служби укажат на потреба за тоа“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира