Претседателот на Стоматолошката комора на Македонија Маријан Денковски вели дека во Комората имале неколку контроли и не биле констатирани неправилности. Денковски денеска одржа прес-конференција откако министерот за здравство Азир Алиу на 9 август соопшти дека Министерството ѝ ги одзема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.
Алиу кажа дека на 8 август, по насоки на стручна комисија, поради констатирани неправилности, ѝ ги одзел овластувањата на Стоматолошката комора, која меѓу другото дава лиценци за работа на лекарите стоматолози.
Денковски рече дека минатата недела имале интензивна комуникација со министерот за здравство и заклучокот бил дека доколку има неправилности, Комората ќе ги вложи сите напори да се исправат.
„Исто така, сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Управата за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“, кажа тој, демантирајќи ги наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.
Денковски кажа дека денеска ќе ги повикал на разговор и консултација претходните претседатели.
„За да го слушнеме и нивното мислење, зошто по она што знаеме засега, се работи за некои ‘незаконски’ постапки на Комората уште од 2016 , па дури и порано, односно од 2006 . Исто така, ќе се направи средба со Лекарска комора зошто ако кај нас, во стоматологија, т.н. ‘незаконска’ едукација вршеле околу 15-ина, како што беа наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија – меѓу кои доминираат членки на Македонско лекарско друштво“, рече тој.
Стоматолошката комора ќе свика вонредни седници на Извршниот одбор и на Собранието на Комората, по што ќе ги информираат и членовите на Комората и медиумите, како и пошироката јавност, за официјалниот став, бидејќи согласно актите на Комората, само Собранието има надлежност за тоа.
„На крајот времето ќе покаже каде е вистината. Сите ние во Комората сме спремни на сите последици доколку имаме згрешено, но исто така доколку се потврди дека Комората нема финасиски или други криминали, сосема реално е да бараме и очекуваме јавно извинување до целокупната македонска јавност и целокупното членство на Комората, затоа што Комората постои и се состои од нејзините членови, докторите на стоматологија“, рече Денковски.