АКО НЕ МОЖЕТЕ ПО КОЊОТ, УДРЕТЕ ПО САМАРОТ, СЕ ПОЖАЛИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА ЃОКО ПОПОВСКИ, ОСУДЕН ЗА МЕРЦЕДЕСОТ

    АКО НЕ МОЖЕТЕ ПО КОЊОТ, УДРЕТЕ ПО САМАРОТ, СЕ ПОЖАЛИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА ЃОКО ПОПОВСКИ, ОСУДЕН ЗА МЕРЦЕДЕСОТЃоко Поповски (лево) на претходната седница на Апелациониот суд за предметот на СЈО „Тенк“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Набавката на блиндирано возило токму од марката „мерцедес“, беше барање на тогашното раководство на МВР и јас само го прифатив, рече осудениот на 6,5 години затвор Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер, за злоупотреби со тендерот со фаворизирање на „Макаутостар“, по желба на тогашниот премиер Никола Груевски.

    „Јас не сум криминалец. Во оваа чудесна држава, знаете суде, ако не можете по коњот, удрете по самарот”, кажа Поповски.

    Поранешниот премиер е осуден во предметот „Тенк“ на две години затвор, но денеска во жалбената постапка во Апелациониот суд Скопје, не се појави ни тој, ни неговите четворица адвокати.

    Во време на набавката на мерцедесот од 600 илјади евра, министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска, која поради породувањето, е во моментов во издвоена постапка пред Основниот суд Скопје 1 за истиот предмет, обвинета дека го поттикнала Поповски да спроведе незаконски тендер со елиминирање на конкуренцијата за да не се јават случајно „ауди“, „бмв“, или други компании со поевтини понуди.

    Набавката на мерцедес со највисоки перформанси за да се вози со децата кај што нема новинари, како што се слушна во прислушуваните разговори, е по желба на тогашниот премиер Никола Груевски.

    Седницата е завршена, а одлуката ќе ја соопшти Кривичниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира