Целиот процес на ревизија на работата на државните и приватни универзиттеи ќе трае од една и пол до две, а можеби и две и пол години, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Министерката денеска го посети Основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром и одговорајќи на новинарско прашање во врска со ревизијата на работата на факултетите, кажа дека сите високообразовни установи ќе треба да претрпат промени во организацијата на нивната целокупна работа, вклучително и студиските програми.
Јаневска на 21 август кажа дека сѐ уште не е формирано тело кое треба да ја контролира работата на високообразовните институции во земјава, но побаран е увид од просветните инспектори, откако на 30 јули Владата го задолжи Министерството за образование и наука (МОН) за формирање на Национално координативно тело за реформи во високото образование, наука истражување и развој чија задача ќе биде анализа на високото образование, и работата на високо научните институции со цел да се воспоставува ред и законито работењ
Доколку се утврди неправилно работење и ако некој факултет биде затворен, студентите што таму се запишани ќе бидат префрлени на други факултети што законски работат и не треба да стравуваат за нешто што не зависи од нив.
Со оглед дека има 134 високообразовни институции, а Државниот просветен инспекторат не е кадровски добро екипиран и му треба зајакнување, ќе бидат формирани комисии во МОН, а со оглед и на планираните средства, целиот процес на ревизија на работата во високото образование, ќе трае од една и пол до две, а можеби и две и пол години.
„Веќе имавме средба со неколку ректори и сите со кои разговаравме се согласни дека треба да се направат реформи во високото образование. Но, тоа е процес. Не може министерот, и не треба, со декрет да носи одлуки, сепак ние треба да ја почитуваме и академската слобода. Го формираме тоа времено тело за реформи во високото образование каде што ќе учествуваат исклучително стручни лица со помош на секторите на МОН. Почнуваме со сеопфатна реформа – анализа на студиските програми, укинување на дел од нив во договор со универзитетите и факултетите, модернизирање на наставните програми“, кажа министерката.
Одборот за акредитација на високото образование на 17 јуни донесе Одлука за поништување на акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга, зад која стори струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„Со оваа Одлука на Одборот за акредитација на високото образование се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга“, соопшти тогаш Одборот.
Решение за основање на овој факултет на 11 јуни донесе министерот за образование и наука во заминување е Јетон Шаќири, кој по потекло исто така е од Струга и е сопартиец со Мерко во ДУИ.