АКО СЕ ПРОБЛЕМ, ФИРМИТЕ КАДЕ СУМ ЈАС СОПСТВЕНИК НЕМА ДА АПЛИЦИРААТ ЗА ДРЖАВНА ПОМОШ, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ

    АКО СЕ ПРОБЛЕМ, ФИРМИТЕ КАДЕ СУМ ЈАС СОПСТВЕНИК НЕМА ДА АПЛИЦИРААТ ЗА ДРЖАВНА ПОМОШ, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ„Компаниите во кои сум јас сопственик се повлекоа не поради тоа што има конфликт на интереси, туку поради тоа што по долг период сензитивноста во јавноста е голема“, рече Анѓушев (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека фирмите каде тој е косопственик и кои аплицираа за мерките од Планот за економски раст, ги повлекле апликациите не затоа што има конфликт на интереси, туку поради големата сензитивност на јавноста.

    „Апсолутно нема конфликт на интереси и нема никакво заобиколување на законот. Ние престанавме да делиме пари зад затворени врати и во класифицирани договори. Тие се сега вклучени во закон и компаниите кои го задоволуваат законот имаат право да аплицираат. Компаниите во кои сум јас сопственик, се повлекоа, не поради тоа што има конфликт на интереси, туку поради тоа што по долг период сензитивноста во јавноста е голема. Јас имам разбирање за таа работа и точно тоа и го објаснив. Но, јас денес зборувам за индустриски раст. Не се битни две компании. Ако тие се проблем нема да аплицираат“, кажа Анѓушев.

    На 13 јули Владата додели 10,5 милиони евра грант на 79 микро, мали и средни компании, преку владините мерки за економски раст. Од Фондот за иновации и технолошки развој 160.000 евра доби „Каст инвест“, компанија во која вицепремиерот Анѓушев е косопственик. Грант од 162.000 евра доби и прилепската печатница „Гинис“ чиј косопственик е пратеникот и член на Извршниот одбор на СДСМ Хари Локвенец. На конкурсот се пријавиле 236 компании, а самиот Анѓушев ги промовираше добитниците при доделувањето на грантовите. По реакции во јавноста Анѓушев и Локвенец побараа од косопствениците на овие фирми да ги повлечат апликациите за државна помош, по што тие беа повлечени.

    Анѓушев денес кажа дека во случајот треба да се гледа што е добро за целокупната економија, а бројките за индустрискиот раст во првата половина од годината покажуваат дека економијата заживува. Според статистичките податоци, во првата половина од годината индустрискиот раст е за 5 отсто поголем во однос на истиот период лани, а индустрискиот раст во јуни оваа година споредено со јуни 2017 година изнесува 12,1 отсто.

    „Овие бројки покажуваат дека практично стопанството мерките ги има препознаено, дека инвестициониот циклус е отпочнат. Јас сум длабоко убеден дека по успешниот референдум и задвижувањето на нашиот процес кон евроатлантските интеграции тоа само ќе биде со поголем интензитет и ќе биде позначително. Мислам дека сите ние денес треба да сфатиме во кој правец оди Македонија и треба тој воз и тој бран да го фатиме и да обезбедиме за идните генерации во државата една поизвесна перспективна иднина“, рече Анѓушев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира