АКО СЕГА НЕ СЕ ОБЕДИНИМЕ ЌЕ БИДЕМЕ ЗОМБИ ДРЖАВА, ЗЕМЈА НА КРИМИНАЛЦИ И ДУХОВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ВО ГОВОРОТ ЗА 23 ОКТОМВРИ

    АКО СЕГА НЕ СЕ ОБЕДИНИМЕ ЌЕ БИДЕМЕ ЗОМБИ ДРЖАВА, ЗЕМЈА НА КРИМИНАЛЦИ И ДУХОВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ВО ГОВОРОТ ЗА 23 ОКТОМВРИМицкоски најави дека Владата ќе проба да договори проект со МАНУ и со универзитетската заедница, проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050 година. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски во денешниот говор по повод празникот 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, повика заедно со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) да се направи државна стратегија, за да не исчезнеме како држава. Како што кажа Мицкоски, на овој ден иницира проект кој Владата ќе проба да го договори со МАНУ и со универзитетската заедница, проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050 година, со кој ќе се дефинираат приоритетите за развој на државата.

    „Последните 70 години сме на добар пат да исчезнеме како држава. Тоа е една генерација од сега. Зошто никој досега не ја отворил оваа тема? Според анализите на Стратфорд, од земјава до 2050 ќе има 400 илјади луѓе помалку. Дали знаете што значи тоа за општеството, економијата и за државата? Населението кое се иселува е работоспособно. Како ќе функционира држава со таква диспропорција на население и толку малку луѓе кои ќе работат, да не кажам од нив повеќе од пола во администрацијата? Кој ќе ја одржува таа држава?“, рече Мицкоски на прославата која се одржа во Музејот на ВМРО.

    Според премиерот, ова е суштински период за државата, период од кој ќе се знае ќе нè биде или не.

    „Времето не работи за нас. Секој кој ќе ви каже така ве лаже. Времето како поминува работи против нас. И затоа сите може да чекаат. Само ние не смееме. Мора да се менуваме, мора да променуваме, мора да се развиваме, да реформираме, да се подобруваме. Ако сега сите не помогнеме заедно, осмислено и стратешки мудро, за жал, ќе бидеме територија полна со духови и крстосница на криминалци, мигранти, зомби држава. Тоа некому одговара, но на нас не. Јас сум убеден дека не му одговара ни на регионот, иако многу мислат дека ќе нè проголтаат како територија во една таква ситуација, тоа нема да е така“, рече Мицкоски.

    Тој ја повика опозицијата да се вклучи во овој проект кој ќе го води Владата.

    „Ние не смееме да се предаваме, колку и да е тежок овој предизвик. Негаторски политики секогаш имало. Историјата се повторува, но секогаш како фарса. А ние мора да си тераме по својот пат, мора да сфатиме дека да имаме подобра иднина каква што сакаме и онаква држава како што заслужуваме и тоа зависи исклучиво од нас и од никој друг, додаде Мицкоски.

    27 Октомври се празнува од 2007, а е во чест на денот на формирањето на Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО) во 1893 година во Солун, чии основоположници се Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.

    Во говорот на свечената академија, премиерот му оддаде почит и на еден од водачите на организацијата, Тодор Александров од конзервативната струја која сметала дека ослободувањето на Македонија ќе биде со помош на Бугарија, оти годинава се навршија 100 години од неговото убиство.

    „Според многумина историчари тој бил еден од најмоќните и највлијателните лидери на ВМРО. Ја издигнал организацијата од рушевини и ја направил најмоќната организација во Европа, со која сите сакале да соработуваат и од која сите се плашеле. За нејзе слушнале буквално низ цел свет. За нејзе учеле сите од регионот, и од нејзе учеле сите кои знаеле што е борба за сопствена држава и идеја. Сакам на овој ден на денот на формирањето на Македонската револуционерна организација да му оддадам почит, и да ги кажам зборовите кои одекнуваа при неговата смрт, а со кои соопштението за смртта до јавноста го завршиле во тој период.Во тоа соопштение објаснувајќи кои се убијците кои го сториле тоа убиство и објаснувајќи што се случило завршило со реченицата: ‘Тодор Александров е мртов! Живее Тодор Александров’. Има ли помоќни зборови за некоја личност, кога човек ќе каже дека и покрај насилната смрт на тој човек, тој продолжува да живее. Заради неговото дело, заради неговата идеја, заради тоа што го направил за сопствената татковина. Слава му!“, рече Мицкоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира