АКО УСТАВНИОТ СУД ГИ ПОНИШТИ „БОМБИТЕ” ПО 2017 ГОДИНА, ПАЃААТ ПРЕДМЕТИТЕ „ИМПЕРИЈА“, „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“, „ТАЛИР 1 И 2“, А НА МИЈАЛКОВ ЌЕ МУ СЕ ВРАТИ КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ

    АКО УСТАВНИОТ СУД ГИ ПОНИШТИ „БОМБИТЕ” ПО 2017 ГОДИНА, ПАЃААТ ПРЕДМЕТИТЕ „ИМПЕРИЈА“, „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“, „ТАЛИР 1 И 2“, А НА МИЈАЛКОВ ЌЕ МУ СЕ ВРАТИ КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТУставниот суд од 6 судии, поради немање мнозинство за одлучување, денеска воопшто не гласал за иницијативата за поништување на членот во Законот за јавно обвинителство со кој се спасуваат предметите по згаснувањето на Специјалното обвинителство. (Фото: СДК.МК)

    По денешната седница на Уставниот суд, останаа да висат предметите на поранешното СЈО по 30 јуни 2017 година, прво за случајот „Империја” во која е осуден и за која е во отворен затвор Сашо Мијалков, а за која отслужија казна Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ, но и каде беа конфискувани околу 40 милиони евра, во најголем дел од имотот на Мијалков.

    Сопругот на осудената ексминистерка Гордана Јанкулоска, адвокатот Влатко Илиевски, како и Светскиот македонски конгрес, поднеле иницијатива со која се предлага Уставниот суд да го поништи членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, а до донесувањето на конечната одлука, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба.

    Со други зборови, да се запре судењето за „Талир 1“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во милионски суми евра, потоа постапките во Апелација за „Плацеви на Водно“ и за „Талир 2“ за криминално изградената Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ, седиштето на партијата, а да запрат и истрагите за МПМ и други, за кои со закон се регулираше дека незаконски прислушуваните разговори, т.е. бомбите нема да важат, туку ќе бидат само индиции.

    Уставниот суд од 6 судии, поради немање мнозинство за одлучување, денеска воопшто не гласал за иницијативата за поништување на членот во Законот за јавно обвинителство со кој се спасуваат предметите по згаснувањето на Специјалното обвинителство.

    Иницијативата беше ставена на гласање, но не го доби потребното мнозинство за одлука. Сепак, остана во живот, ќе чека избор на нови уставни судии.

    Уставниот судија Фатмир Скендер, известител на предметот со кои се доведуваат во прашање предметите на згаснатото СЈО за висока корупција за кои обвиненија се поднесени по 2017 година, кажа дека иницијативата е неоснована и треба да се отфрли.

    „Оспорен е Законот за јавно обвинителство, во делот кој ги признава прислушуваните разговори, или т.н. бомби, на кои базираат предметите на СЈО, кои според ЕУ, мора да ги истера судството докрај. Не се основани оспорувањата, зашто со овој нов Закон за јавно обвинителство донесен во 2020 година, се прекинува важењето на Законот за Специјалното обвинителство. Со овој Закон за ЈО само се пропишува што ќе се прави со неовластено прислушуваните материјали. Се утврдува дека по 30 јуни 2017 бомбите во предметите кои се во фаза на истрага, ќе важат само како индиции, а не како доказ. Претходните разговори, за кои има обвиненија претходно, си важат како доказ, по стариот Закон за СЈО”, образложи судијата-известител зошто смета дека оваа иницијатива треба да се отфрли.

    „Се вели во иницијативата дека овој Закон лицата кои се под истрага, а за кои има индиции во разговорите за сторен криминал, ги ставал во поповолна положба во однос на тие за кои има обвиненија од претходно. Но јас ќе потсетам: Овој Закон за ЈО е донесен со двотретинско мнозинство во Собраните”, рече судијата Фатмир Скендер.

    Но, поинаку мислат уставните судии Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, предложени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

    Судијата Кадриу праша: „Не е јасно како мислел законодавецот (Парламентот) прислушуваните разговори до 30 јуни 2017 година да важат како доказ, а после тоа одеднаш да не важат? Сметам дека треба и по другите иницијативи да се одлучиме, на пример, дали третманот на прислушуваните разговори треба да стои во Законот за ЈО, или во ЗКП, каде што му е местото “.

    И судијата Дарко Костадиновски смета дека местото на овие прашања, дали ќе се сметаат за индиции е во ЗКП, а не во Законот за ЈО и затоа тој член треба да се поништи, како што бараат подносителите на иницијативата.

    Поништување на овој оспорен член 110 од Законот за ЈО, ќе значи поништување на сите истраги, судења и постапки по жалба во Апелација на сите предмети покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година.

    „Третманот на прислушуваните разговори е спорен. Законодавецот дискриминира, ги ставил граѓаните во нееднаква положба, што е основно кршење на уставно загарантираните права. Обвинетите по 2017 година со прислушуваните разговори само како индиции, се во привилегирана положба од тие до 2017, каде што бомбите важат како доказ. Натаму, начинот на постапување со бомбите и утврдениот датум за мене се спорни пред Уставот”, кажа Костадиновски.

    Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска првин реплицираше со Кадриу.

    „Не гледам ништо неуставно во членот 110 од Законот за ЈО. Зошто постои овој датум? Затоа што претходно е донесен Закон за СЈО. Се сеќавате, првично имаше рок од 18 месеци, кој не беше доволен за поднесување обвинение. Нормално дека законодавецот ќе се коригира и нема да остави така да не се гонат тие тешки криминални дела. Стразбур остава националното законодавство на секоја држава да одлучува за законитоста на доказите. Кај нас многу убаво се изјаснил Апелациониот суд за тоа. Беа прислушувани десетици илјади граѓани, и трпеа за тоа последици. Трпеше нивната работа, нивниот бизнис, семејствата. Она што е важно е дека прибавувањето на тие незаконски следени комуникации беше законско, на законит начин. Ние како луѓе треба да се преиспитаме кој е највисокиот јавен интерес и дали сакаме да штитиме тежок организиран криминал и корупција”, кажа Кацарска.

    На забелешките на Кадриу дека сега (ќе) има обвинети и осудени по бомби и обвинети и осудени по индиции, Кацарска праша:

    „Кој ви вели дека се донесени пресуди по индиции? Не е во ред да зборувате така. Со тие индиции собрани се цврсти материјални докази. Па јас судев предмети на СЈО. На три ‘бомби’ имав 5.800 цврсти материјални докази во случајот Транспортер. И кај што важат, и кај што се индиции, мора да бидат поткрепени со материјални докази. Најдете ми еден судија во светот кој осудил без докази, кој се базирал само на прислушувани разговори! Судиите не можат да ги употребат како докази тие индиции, читајте го Законот за кривична постапка, член 12 кој не забранува користење на незаконски материјали прибавени на законит начин. Па врз тој член работи секој судија кривичар. Потоа врз база на тие индиции се собираат материјално докази. Тоа е како вие колега Дарко да сликате некој што поставува бомба. Не е законски да го сликате, ама кога ќе ја однесе фотографијата во Обвинителство, таа станува законски прибавен доказ”, се обидуваше Кацарска да ги убеди двајцата колеги дека воопшто не е спорен и дискриминаторски оспорениот член и оти дали еден нелегално прислушуван разговор е доказ или индиција, нема улога кај обвинител, судија или адвокат, кои ги интересираат и работат само врз база на цврсто поткрепени материјални докази и изјави од сведоци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира