Извештајот на Судскиот совет до Парламентот, јасно и недвосмислено ја отсликува алармантната состојба во која е доведена судската власт како трета власт во државата, фалат судии во сите судови, има драстичен недостиг на судска администрација, а ограничените буџетски средства не се само статистички показатели, туку сериозно предупредување за функционалноста на правосудниот систем и неговата способност навремено да им обезбеди правда на граѓаните. Ова вечерва го предупреди со соопштение Здружението на судии на Македонија.
„Загрижува фактот што, и покрај постојаното најавување реформи, донесувањето нови стратегии и менувањето на законската регулатива, реалните услови за работа во судовите континуирано се влошуваат. Реформите не смеат да останат декларативни заложби и законски решенија на хартија. Бројките од извештајот покажуваат дека нормативните промени, ако не се проследени со соодветни ресурси, кадровско зајакнување и функционални решенија, не само што не гарантираат подобрување, туку не успеваат да го спречат понатамошното влошување на состојбите. Здружението на судиите во повеќе наврати досега укажуваше на сериозноста на овие проблеми и предупредуваше дека без итни, системски и долгорочни мерки постои реална опасност од натамошно слабеење на судскиот систем. Денешните податоци се потврда дека предупредувањата не биле неосновани и дека повеќе не смее да се губи време со одложување на неопходните решенија“, бараат судиите,
Слични забелешки се содржани и во извештаите и анализите на меѓународни организации, мисии и претставници на граѓанскиот сектор. Тие укажуваат на потребата од обезбедување вистински услови за независно, ефикасно и одговорно судство, кое нема да биде оставено да функционира со минимални кадровски и финансиски ресурси.
„Независноста на судството не се обезбедува само со уставни и законски гаранции, туку и со соодветен буџет, професионална служба и услови за непречено вршење на судиската функција. Особено значајно е што во рамките на меѓународната поддршка за владеење на правото веќе се идентификувани конкретни насоки и можности за унапредување на состојбите. Меѓу нив се ревидирањето на судската мрежа врз основа на реалните потреби на граѓаните, примената на вештачката интелигенција и дигитализацијата на судските процеси, професионализацијата и кадровското зајакнување на судската служба, како и обезбедувањето финансиска независност преку соодветно и предвидливо судско буџетирање“, бараат судиите да се разбуди државата и да фати чекор со демократскиот свет.
Место тоа, три години откако е дојдена власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под секојдневни изговори и вреѓања дека не чини судската и обвинителската власт, не обезбедува услови и не распишува оглас за нови судии и обвинители во Академијата за судии и јавни обвинители, намерно не врши законски измени, постојано скусува средства за судовите и обвинителствата, а секој ден судии и обвинители си одат во пензија, компјутерите застаруваат, средства за работа има се пооскудни.
Судиите бараат да учествуваат во креирањето на реформите, бидејќи реформи нема.
Местo да се каже дека се нема пари и веќе трета година по ред во Буџетот не се планираат средства за нова генерација слушатели, изговорот на заспаниот управен одбор на Академијата е дека треба законска измена во делот на бодувањето, зашто вишок во збирот биле 5 бода. Простата измена владејачкото мнозинство не ја прави веќе трета година, а новиот „реформаторски” закон за Академија за судии и јавни обвинители, заглавен е некаде или не постои.
„И покрај ваквите услови, судовите и судиите продолжуваат да ги извршуваат своите законски обврски и да ги решаваат предметите, често со натчовечки напори и со сериозно ограничени ресурси. Нивната континуирана работа и посветеност покажуваат дека, и покрај одливот на кадар, недостигот на судии и зголемениот обем на работа, судството вложува максимални напори за ефикасно постапување и намалување на заостатокот на нерешени предмети, преку професионалност, добра организација и одговорно управување со расположливите капацитети“, велат тие.
Здружението на судии бара реформите да бидат резултат на стручни анализи, институционален дијалог и долгорочна визија, а не на краткорочни политички цели и декларативни заложби.
„Правдата не може да биде ефикасна без судии, без професионална судска служба и без соодветни ресурси. Судството не смее да биде оставено да опстанува на работ на своите можности, додека од него се очекува да ги исполнува сите обврски кон државата и граѓаните“, стои во острото предупредување на Здружение на судиите на Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА



