„Смрт на фашизмот, слобода на народот!“ е мотото на денешните протести на антивладините демонстранти.
Против фашистичките елементи во владеењето на овој режим, како што вели граѓанското здружение „Протестирам“, денес за прв пат се протестира и во Берово.
Покрај Скопје, Шарената револуција ќе маршира и во Кичево, Штип, Крива Паланка, Велес, Кавадарци, Струмица, Прилеп и во Битола.
Деветти мај е Ден на Европа и Ден на победа над фашизмот.
Вечерва за поддршка на СЈО и за поголеми права, почит и достоинство на албанското население во земјава и за запирање на политички монтираните случаи протестира и Опозицискиот совет на Албанците. Тие од Чаир со скандирање „Демократија“ и „Али предавник“ стигнаа пред Влада.
Влада е последната дестинација и на Шарената револуција чии демонстранти се уште се собираат пред СЈО.
Шарената револуција ја организира граѓанското здружение „Протестирам“. Тие бараат повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.