„АЛИТАЛИЈА“ ГИ ПРЕКИНУВА ЛЕТОВИТЕ ЗА СКОПЈЕ, ОТКАКО СЕ ОТКАЖАА И „СВИС“ И „ЧЕХ ЕРЛАЈНС“

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    „АЛИТАЛИЈА“ ГИ ПРЕКИНУВА ЛЕТОВИТЕ ЗА СКОПЈЕ, ОТКАКО СЕ ОТКАЖАА И „СВИС“ И „ЧЕХ ЕРЛАЈНС“

    Италијанскиот национален превозник „Алиталија“ ги прекинува директните летови од Рим за Скопје поради помалата продажба на карти од очекуваната, објави италијанската агенција Нова, повикувајќи се на специјализирани веб страници за авио сообраќај.

    Ова е трет редовен превозник што ги прекинува летовите за Скопје со зимскиот ред на летање. Пред две недели и швајцарската „Свис“ и чешката „Чех ерлајнс“ ги прекинаа линиите од Женева и од Прага.

    Одлуката доаѓа двеипол години откако „Алиталија“ одлучи да ја воведе редовната линија помеѓу главните градови на Македонија и Италија.

    Последниот лет од Рим за Скопје ќе биде на 30 ноември. Продажбата на билети веќе е прекината. Компанијата не соопшти што ќе се случи со веќе купените карти за летовите по 1 декември.

    Со откажувањето на оваа линија, Скопје останува поврзано со Италија преку нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ со летови до Бергамо, близу Милано и Тревизо близу Венеција.

    Се проценува дека близу 80.000 македонски граѓани живеат во Италија. Ова ќе му овозможи на нискобуџетниот „Визер“ да отвори линија и до Рим, но не до главниот аеродром Фјумичино каде што летаат редовните компании, туку до Чампино каде што летаат главно нискобуџетни и чартер превозници.

    На линијата Скопје – Рим од 1992 до 1996 година леташе македонската компанија „Палер Македонија“, а од 1996 до 2009 година „МАТ – Македонски авиотранспорт“. Двете компании пропаднаа.

    Од 2012 година македонската влада дава субвенции за летовите на унгарскиот нискобуџетен превозник Визер што предизвикува незадоволство кај редовните национални превозници од другите земји на Европската унија.

    Претставник на австриската авиокомпанија Остриан ерлајнс, дел од групацијата Луфтханза на 26 мај оваа година ја обвини македонската влада дека поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот.

    Европската комисија (ЕК) потврди дека на почетокот на оваа година почнала истрага во врска со субвенциите што македонската влада ги дава на унгарската компанија Виз ер и побарала од македонските власти информации за поттикнување на нелојална конкуренција што може да го наруши договорот за Европскиот заеднички воздухопловен простор (ЕЕАЦ), чиј потписник е и Македонија.

    Јакуб Адамович, портпарол на Европската комисија за транспорт и регионална политика. за САКАМДАКАЖАМ.МК, по повод жалбите на австрискиот национален превозник изјави: „Европската Комисија има сознанија дека постои загриженост во врска со шемата на финансиски субвенции што македонската Влада ги дава од 2012 година на домашни и на странски авиокомпании кои сакаат да летаат од аеродромот „Александар Велики“, што може да ја наруши конкуренцијата меѓу аеродромите во регионот, а индиректно и меѓу засегнатите авиокомпании“.

    ЕУ ПОЧНАЛА ИСТРАГА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ВИЗ ЕР

    Неофицијално, жалбата до Европската комисија за поттикнување нелојална конкуренција со давањето субвенции на Визер ја поднел аеродромот Аднан Јашари во Приштина, Косово чиј концесионер е француско-турски конзорциум.

    Во моментов Алиталија лета седум пати неделно помеѓу Рим и Скопје. Од 15 ноември ќе ги редуцира летовите на три пати неделно, а од 1 декември од Скопје за Рим компанијата ќе продава карти преку Белград, затоа што Алиталија и Ер Србија се во иста групација, под заедничкиот мнозински сопственик Етихад од Обединетите Арапски Емирати

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира