„Алкалоид“ во периодот од јануари до септември ја зголемил единечната нето добивка за осум отсто во споредба со истиот период лани, консолидирани продажби ги зголемил за девет отсто, консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за четири отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 отсто, соопштија од фармацевтската компанија. Реализирани се и 144 нови вработувања.
Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени шест отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто и на останатите пазари се остварени два отсто од вкупните консолидирани продажби.
Од компанијата информираат дека најзабележителен раст е остварен во Унгарија со продажби од 103.199.347 денари што е 4,3 пати повеќе од лани, потоа во Полска со продажби од 37.782.977 денари што претставува зголемување од 3,5 пати и Украина со продажби од 125.214.639 денари што претставува зголемување од 2,2 пати споредено со истиот период од минатата година.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2018 година изнесуваат 873.482.122 денари што е претставува зголемување за 69 отсто во однос на истиот период од 2017 година.