АМБАСАДАТА НА САД ПРЕДУПРЕДИ НА МОЖНИ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

    АМБАСАДАТА НА САД ПРЕДУПРЕДИ НА МОЖНИ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈААмбасадата на САД во Скопје

    Има зголемен ризик од терористички напади инспирирани од екстремистички идеологии во Северна Македонија, предупреди вечерва Амбасадата на САД во Скопје преку официјалната веб страница.

    Американската амбасада ги советува своите државјани дека екстремистите сè почесто напаѓаат т.н. „меки цели“, како трговски центри и пазари, аеродроми, хотели, клубови и ресторани, религиозни објекти, училишта, паркови и јавни настани, како спортски натпревари, политички митинзи, демонстрации и други собири и им препорачува да бидат дополнително внимателни на такви локации.

    „Терористичките организации и индивидуалци инспирирани од екстремистички идеологии се решени да напаѓаат цивили, вклучувајќи американски државјани во странство. Терористите сè почесто користат помалку софистицирани методи да нападнат толпи на јавни места, вклучувајќи пиштоли, возила и остри орудија“, се вели во соопштението на Амбасадата на САД.

    Претходно денеска, МВР соопшти дека извршиле претреси на неколку локации низ државата при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можен напад на терористичката организација ИСИС.

    Без да прецизираат кога се случиле претресите и дали има приведени, од МВР велат дека изготвиле план на мерки и активности со цел попречување на терористичкиот напад, за кој што добиле, како што соопштија, оперативни сознанија од партнерска земја во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира