АМЕРИКАНСКИТЕ САНКЦИИ ЗА КОРУМПИРАНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ОД БАЛКАНОТ ИМААТ ЕФЕКТ, ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ЗНААТ ШТО ПРАВЕЛЕ, ВЕЛИ ЕСКОБАР

    АМЕРИКАНСКИТЕ САНКЦИИ ЗА КОРУМПИРАНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ОД БАЛКАНОТ ИМААТ ЕФЕКТ, ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ЗНААТ ШТО ПРАВЕЛЕ, ВЕЛИ ЕСКОБАРЗа евроатлантските интеграции на Македонија, Ескобар кажа дека сме добар пример за земјите од регионот. (Фото: Атлантски совет/принтскрин)

    Американските санкции за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и САД ќе продолжи со санкционирање на корумпирани функционери од регионот, вели Габриел Ескобар, заменик помошник на Државниот секретар на САД. Ескобар додава дека кога граѓаните ќе дознаат во каква корупција биле вмешани санкционираните политичари, лидерите треба тие лица да ги тргнат од функциите и од изборните партиски листи.

    „Санкциите се важна алатка. Тие се ефективни не само за да се санкционираат индивидуални лица, туку и ако го погледнете наративот на министерството за финансии со одлуките, ќе ја видите длабочината на корупцијата и ќе видите што прават некои од овие луѓе. Има политичари и фигури во Босна и Херцеговина, на пример, кои активно се координираат и соработуваат со групи од организираниот криминал и граѓаните треба да го знаат тоа. И штом граѓаните го знаат тоа, лидерите треба да ги отстранат овие луѓе од одговорни позиции и изборните листи и тоа важи за сите земји од регионот“, кажа Ескобар во разговор на тема евроатлантската иднина на Западен Балкан за Атлантскиот совет.

    На 11 април годинава, Стејт Департментот и американското министерство за финансии ги санкционираше експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција. Како што соопшти тогаш Стејт департментот, нивните дела го поткопуваат владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси и ја еродираат јавната доверба во владата. Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот, исто така, на црна листа ги стави членовите на нивното потесно семејство. Тие имаат забрана за влез во САД, блокиран е целиот нивни имот и интереси во нивна сопственост во САД и американски компании и физички лица не смеат да соработуваат со нив.

    За евроатлантските интеграции на Македонија, Ескобар кажа дека сме добар пример за земјите од регионот.

    „Ако погледнете како Северна Македонија се справи со својата кандидатура за ЕУ, таа е модел за регионот. Пред сè јас секогаш укажувам дека во регионот имаме предизвици во интеретничките и мултиетничките односи и Северна Македонија се истакнува со мултиетничкото владеење како навистина добар пример како мултиетничко граѓанско општество и служи како добар пример за другите земји кои што се соочуваат со истиот проблем. Дополнително, тие ги направија сите потребни реформи за да ја отворат првата врата, така што верувам дека оваа влада ја има волјата и луѓето од Северна Македонија имаат капацитет да го направат тоа што е потребно за земјата да стане полноправна членка на ЕУ. Јас исто така велат дека Северна Македонија е добар сојузник во НАТО и билатерално со нас и Европа може да очекува дека тие ќе бидат добар и посветен партнер и ќе придонесуваат за Европската Унија исто така“, рече Ескобар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира