Да се зајакне свеста дека никому ништо не должите, како и на носителите на јавни функции дека никој ништо не им должи, рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, на отворањето на тридневната работилница за изготвување Национална стратегија за спречување на корупцијата.
Таа рече дека Комисијата почнува кампања за намалување на корупцијата под слоганот „Со ум до антикорупциски бум“.
„Денес ќе бараме решенија за намалување на корупцијата, трговијата со влијанија кои ги има во нашето општество, а тие решенија потоа да се преточат во петгодишна националната стратегија”, рече Ивановска.
Проф. д-р Методиј Чепреганов рече дека коруптивното однесување во општеството е резултат на менталитетот на нашиот народ и дека е потребна екологија на духот и совест која е врв на човечката интелигенција.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека изборот на Комисијата бил стручен и транспарентен.
„Во извештајот на ГРЕКО како позитивен исклучок е спомнато однесувањето на пратениците и дека акцент е ставен на државните органи да бидат поодлучни во справување со корупцијата. Со тоа што Собранието директно го гласа буџетот на Антикорупциска, а не преку Министерството за финансии, се овозможува транспарнетност. Во однос на Законот за заштита на укажувачите сметам дека секој што мисли дека нешто не е во ред, треба да каже“, рече Џафери, кој додаде дека Собранието е на располагање и отворено за соработка со граѓаните за да се отклонат сите слабости.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи исто така го пофали транспарентниот начин на избор на членовите на Комисијата и додаде дека ќе биде добро да се донесе Законот за обвинителство пред одлуката на европските земји за почнување на преговорите за влез во ЕУ, како и да се формира координативното тело против организиран криминал.
„Преговорите практично почнуваат со поглавјата за владеење на правото, кое е критериум за отворање на преговорите“, рече Османи.
Министерот за транспарентност и очетност Роберт Поповски рече дека владината стратегија до која е воведена алатката за трошење на функционерите е добра и дека овие министри и премиерот трошат 3 до 4 пати помалку од претходната влада.
„Ја даваме целосната поддршка на Комисијата во изработка на стратегијата за спречување на корупцијата, непотизмот и политичките влијанија“, рече Поповски.
Е. БОЧВАРОСКА