АНТИКОРУПЦИСКА НЕМА ДА ЈА САНКЦИОНИРА МИНИСТЕРКАТА НИНА АНГЕЛОВСКА ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕТО ПАРИ ОД ЕУРОСТАНДАРД БАНКА

    АНТИКОРУПЦИСКА НЕМА ДА ЈА САНКЦИОНИРА МИНИСТЕРКАТА НИНА АНГЕЛОВСКА ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕТО ПАРИ ОД ЕУРОСТАНДАРД БАНКАПретседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска вели дека министерката за финансии Нина Ангеловска имала можност да ги дознае податоците поврзани со банката, каде што таа е клиент, а не биле достапни на другите штедачи во таа банка. - Нина Ангеловска (Фото: СДК.МК)

    Антикорупциската комисија нема да покрене санкција против министерката за финансии Нина Ангеловска откако го разгледале предметот за можен судир на интереси со стечајот на Еуростандард банка и нејзиниот депозит во банката. Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека тие не утврдуваат кривична одговорност, но препорача да се доуредат прописите, посебно меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Министерството за финансии и останатите регулаторни тела, со тоа што ќе се додадат уредби со кои ќе се регулира судирот на интерес.

    Ивановска вели дека Ангеловска имала можност да ги дознае податоците поврзани со банката, каде што таа е клиент, а не биле достапни на другите штедачи во таа банка. Како што кажа таа на денешната прес-конференција, овие информации податоци можеле да имаат влијание и врз донесувањето на нејзината одлука поврзана со депозитот во таа банка, со што таа а имала предност пред останатите штедачи во банката.

    „Ние не покренуваме некаква санкција против министерката, но сакаме да го истакнеме етичкото прашање кое е многу битно“, изјави Ивановска, додавајќи меѓу другото дека сомнежот очигледно е дека постои.

    Претседателката на Антикорупциска рече дека во периодот откако Ангеловска е министер за финансии одржани се два состаноци на Комитетот за финансиска стабилност на 19 март и на 30 април, а записниците упатуваат дека не се разговарало за Еуростандард банка.

    Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка на 12 август, по што беше отворен стечај за банката. На 16 август, министерката Ангеловска кажа дека во два наврати извадила пари од Еуростандард банка, првиот пат да инвестира во инвестициски фонд, а вториот пат да си купи стан, бидејќи, како што кажа таа, живеела под кирија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира