Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски, откако кај нив стигнала анонимна претставка со наводи дека е незаконски именуван на функцијата.
„Предметот е прераспределен кај член на комисијата и по обезбедени докази и изготвена документација, ќе донесеме соодветна одлука за којашто ќе биде информирана и јавноста“, изјави за „Дојче Веле“ претседателката на ДКСК Татјана Димитровска.
Минатата недела, Владата го разреши директорот на АНБ Зарко Милошевски и на негово место го назначи Бојан Христовски.
Вчера, претседателот на СДСМ Венко Филипче кажа дека со назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски, премиерот Христијан Мицкоски и Владата направиле партиско киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста.
Христовски во минатото беше претседател на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје.