Апелациониот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство за гаранцијата на осомничениот Сеад Кочан од 900 илјади евра за да се брани од слобода и предметот го врати кај судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1, соопшти Апелациониот суд.
Одлуката за укинување на гаранцијата Апелацискиот суд ја донел на седница што била одржана вчера, на која Кривичниот совет оценил дека „не биле доставени сите потребни докази од кои би се утврдила основаноста на понудената гаранција“.
„Постапувајќи по жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, изјавена против решението на судијата на претходна постапка на Основен суд Скопје I Скопје, во делот кој се однесува на мерката за обезбедување присуство на обвинетиот – определената гаранција, одлучи, истата да ја уважи и првостепеното решение, со кое е прифатена гаранцијата поднесена од одбраната на осомничениот С.К. од С., го укина и предметот во овој дел го врати на повторно постапување и одлучување на судијата на претходна постапка на Основен суд Скопје I Скопје. Судот, во конкретниот случај оцени дека во прилог кон понудената гаранција не биле доставени сите потребни докази релевантни за законито одлучување по предлогот од кој би се утврдила основаноста на понудената гаранција“, соопшти Апелација.
Бизнисменот Кочан е првоосомничен во случајот „Труст“, во кој заедно со уште две лица и со фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани“ СЈО ги товари дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.
Судија на претходна постапка на 18 мај го одби барањето на СЈО на Кочан да му биде одреден притвор и го прифати предлогот на неговиот адвокат, Никола Додевски, на бизнисменот да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да се јавува еднаш неделно во судот.