АПЕЛАЦИОНИОТ СУД УШТЕ ЕДНАШ ГИ ПОТСЕТИ СИТЕ ДЕКА РАШКОВСКИ ИМА ЗАБРАНА ЗА КОМУНИКАЦИЈА И МУ ГО ПРОДОЛЖИ КУЌНИОТ ПРИТВОР ДО 8 СЕПТЕМВРИ

    АПЕЛАЦИОНИОТ СУД УШТЕ ЕДНАШ ГИ ПОТСЕТИ СИТЕ ДЕКА РАШКОВСКИ ИМА ЗАБРАНА ЗА КОМУНИКАЦИЈА И МУ ГО ПРОДОЛЖИ КУЌНИОТ ПРИТВОР ДО 8 СЕПТЕМВРИКога Рашковски беше фатен како збори од куќен притвор со другиот осомничен, обвинителот итно побара притвор, но Кривичниот суд го одби барањето бидејќи забрана за комуникација, според судот, немало. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје пак му го продолжи куќниот притвор на осомничениот за корупција Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата, до 8 септември.

    Освен тоа, Апелација вели дека уште еднаш ја назначиле забраната да комуницира на мобилен и преку средствата за електронски комуникации, и додава дека цело време таа забрана е жива и си постои, бидејќи Обвинителството за организиран криминал никогаш не побарало да биде укината и Рашковски да може да зборува од куќен притвор по мобилен додека е под истрага. Апелација му одреди забрана за комуникација на Рашковски, кога го пушти од Шутка во куќен притвор на 4 јуни.

    Обвинителството за организиран криминал и корупција пред две недели го фати Рашковски како збори на мобилен, не со кого било, туку со друг осомничен, и веднаш побара притвор. Ја прекршил забраната за комуникација, влијаел врз доказната постапка. Тоа е процедурата, тоа е законот што важи за обичните граѓани кои се осомничени, обвинети.

    Но Основниот кривичен суд, но експресно го одби барањето за притвор во Шутка. Во соопштение тврдеше дека таква дополнителна мерка – забрана, немало во моментот.

    „Забраната за комуникација на осомничените кои се во куќен притвор, а за кои прашувате, никогаш не е укината. Обвинителот нема обврска со секое барање за нови 30 дена куќен притвор, да бара одново и одново забрана за комуникација. Обвинителот може да бара само нејзино укинување, што во случајов, никогаш не го сторил. Апелациониот суд на два месеца врши ревизија на спроведувањето на мерките и забраните врз осомничените и ние сме утврдиле дека за двајцата осомничени забраната за комуникација треба да стои и натаму“, е официјалниот одговор за САКАМДАКАЖАМ.МК од Апелациониот суд Скопје.

    Но, како дојде Рашковски до тоа да му биде забранета комуникацијата додека е под истрага? Според решенијата објавени од Кривичниот и од Апелациониот суд, тој уште по отворањето на предистражната постапка, ја попречил. Се обидел да уништи докази, менувал датуми на документи, креирал и фалсификувал нови, само да ја попречи предистрагата и да не дојде до истрага.

    „Основано било сомневањето дека осомничениот ќе ја попречувал истрагата со влијание врз сведоците кои требало да бидат дополнително испитани, а кои биле луѓе со кои тој соработувал, како и лица кои биле ангажирани со авторски договори во Владата на РС Македонија. Притоа, имајќи го предвид фактот дека по отварањето на предистражната постапка осомничениот ја попречувал со влијание врз сега соучесник а во тоа време сведок, а воедно вршел и влијание врз материјалната документација со изменување на датуми на извештаи и генерирање на извештаи. Воедно во текот на истрагата се утврдило дека осомничениот вршел и промени на датуми и внел деловоден број на документ кој од увидот во деловната книга при Владата, не соодејствувал со доставениот документ во обвинителството под тој број. Оттука реално можело да се очекува осомничениот повторно да врши влијание врз сведоците, вработени во Генералниот секретаријат при Влада на РС Македонија на кои им бил претпоставен, и врз лица со кои соработувал. А токму тие лица требало да се сослушаат како сведоци во текот на истражната постапка. Реално било да се очекува и осомничениот да врши влијание врз материјалните докази и врз понатамошниот тек на постапката, а притоа сведоците требало да се произнесат за начинот на соработувањето со осомничениот во критичниот временски период“, кажано е во решенијата на судот што правел Рашковски пред да биде притворен.

    До 8 септември му е продолжен притворот и на второосомничениот, сопственик на фирмата „Инвока“, од која Рашковски со пари на граѓаните ги набавувал сопствените изуми-софтвери кои никому не му биле потребни.

    Против одлуката на Апелациониот суд Скопје, двајцата поднеле жалба до Врховниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира