Големи фирми се оштетени со шемата на злосторничкото здружение во Управата за јавни приходи, на чие чело со години бил Исмет Гури, кој пред да биде неправосилно осуден за фалсификување изборни резултати во Чаир во корист на ДУИ, директоруваше со сектор во УЈП, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Утринава полицијата врши претреси на повеќе локации во Скопје, при што веќе има приведени лица – бизнисмени, инспектори. Со оглед на професиите на лицата кои се апсат, очигледно станува збор за криминални дејствија поврзани со даночни проневери и перење пари. Во тек се претреси во координација со ОЈО ГОКК, а за детали околу кривичните дела на оваа организирана криминална група и приведените лица ќе информираме заедно со ОЈО за организиран криминал во текот на денот“, кажа утринава МВР за акцијата.
Според неофицијални информации од она што се зборува денеска во УЈП, станува збор за повеќегодишна шема на Гури и уште 15-тина физички, правни и раководни лица, која Управата долго време се обидувала да ја разоткрие.
Гури и дел од осомничените, неофицијално, формирале фирми на кои им давале фиктивни потврди од УЈП дека преку нив други фирми можат да пребијат данок. Големи фирми плаќале, пребивале данок преку овие со лажните потврди дека може преку нив други фирми и компании да плаќаат данок со пребивање.
„Давале потврди дека фирми можат да ги пребијат даночните обврски со потврда на УЈП. Нормалните фирми ги пребивале, за во Управата потоа да сигнализира системот дека нешто не е во ред. На овие фирми УЈП им кажува дека подмирувањето на нивниот данок на овој начин не е правно валидно и оти ќе мора уште еднаш да платат. Не можете преку овие фирми, тие немаат реално побарување од УЈП за да го пребиете, платете си го данокот уште еднаш“, претпоставуваат нашите соговорници за што е апсењето денеска на раководни и инспекторски лица во Управата.
На тој начин, велат нашите извори, фирмите биле оштетени за околу милион евра.
Од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопштија дека 15 лица се под истрага за даночна измама, злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Оттаму велат дека тројца од осомничените, во октомври 2020 година, во угостителски објект во Скопје, запознавајќи се преку заеднички пријател, формирале злосторничко здружување заради вршење на кривичното дело Даночна измама.
Тие ги поделиле своите улоги, па така, првоосомничениот го користел својот должничко-доверителски однос со едно правно лице, а второосомничениот бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи. За таа цел на располагање имале осум правни лица со кои реално, но не и формално управувале.
Третоосомничениот Гури, како раководно лице во УЈП, иако немал надлежност, од вработените во УЈП, електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти.
Подоцна како членови на злосторничкото здружување се приклучиле уште осуммина осомничени при што двајца од нив имале задача да учествуваат во подготовка на потребната документација за формирање и промени во правните лица и подготвување на потребната документација за даночните пријави, како и за склучување на Договори за пребивање на данок со фиктивните гаранти.
Меѓу осомничените има и сметководителка, задолжена да ја подготвува фиктивната документација на правните лица до УЈП за даночната пријава ДДВ 04, а заради добивање на нелегален поврат на парични средства од данок на додадена вредност од УЈП.
Двајца од осомничените, вработени во УЈП, имале задолжение да ги одобруваат барањата за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок на правните лица, а тројца осомничени – управители на дел од правните лица, имале задача како даночни гаранти на даночни должници да склучуваат договори преку кои за возврат добивале стока – гориво, движен имот – луксузни возила или недвижен имот – станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица, со што противправно се стекнувале со парични средства во готовина, па врз основа на таквите фиктивни договори издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок до Управата за јавни приходи.
На овој начин, осомничените со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, ја довеле во заблуда Управата за јавни приходи и неосновано побарале и добиле враќање на Данок на додадена вредност од значителна вредност во износ од 51.626.637,00 денари или околу 840.000 евра.
Гури, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел ги пуштал во промет во име и корист за неговиот син, кој исто така е осомничен во овој предмет. Притоа во име и корист за неговиот син бил купен недвижен имот – деловен простор со површина од 102 м2 во вкупна вредност од околу 150.000 евра и на име позајмица од осомничените правни лица во повеќе наврати, за оваа цел, му биле префрлани парични средства. Нелегални пари во износ од 15.259.870,00 денари, третоосомничениот со цел да ги легализира ги дал во готово на осомничено овластено лице кое пак во повеќе наврати, како дневен промет ги внело на сметките на своето правно лице, а потоа повторно во повеќе наврати – трансакции, на име на позајмица биле префрлени од неговото осомничено правно лице на осомниченото правно лице сопственост на синот на третоосомничениот.
За тројца од осомничените, обвинителството бара притвор, додека за останатите осомничени ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.
С. К. ДЕЛЕВСКА