Во автобусот на „Дурмо турс“, кој се преврте кај Ласкарци, при што загинаа 16 лица, а 38 беа тешко повредени, имало уред за манипулација на брзината за 12-13 км/ч и секој возач можел да го користи кога сака, сведочеше на денешното судење возач од компанијата, пренесе државната агенција МИА.
Возачот Филип Наумовски, кој осум години работел во „Дурмо Турс“, кажа дека уредот за манипулација бил поставен неколку месеци откако се вработил во компанијата.
„Бесник и јас отидовме заедно во една фирма. Прво со еден после со друг автобус. Јас бев тогаш неколку месеци примен. Тоа беше во една фирма во Железара. Бесник во фирмата побара да се стави копче да лажира да покажува помала за 12-13 километри брзина“, сведочеше возачот, кој додаде дека сите три автобуси на таа релација имале таков уред.
Прашан дали сам како возач смеел да одлучи да го извади уредот, сведокот рече дека тој само што се вработил и не можел такво нешто.
Обвинети за несреќата кај Ласкарци се сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, вработениот во компанијата „Дурмо Турс“, Ремзи Мифтари, машинскиот инженер Игор Ѓорѓиевски и возачот Маноил Трифуновски.
На обвинетите им се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.