АЗИР АЛИУ Е ИЗБРАН ЗА НОВ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО

    АЗИР АЛИУ Е ИЗБРАН ЗА НОВ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВОПремиерот Мицкоски и новиот министер за здравство Азир Алиу на денешната седница во Собранието. (Фото: К. Попов)

    Азир Алиу е нов министер за здравство, а Албрим Хоџа нов заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, откако на денешната 54. седница ги избраа пратениците во Собранието со 65 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден воздржан.

    На 12 мај, лидерот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари соопшти дека партијата оди во опозиција, а со тоа и престана неговата функција како министер за здравство. По заминувањето на Алијансата за Албанците на Таравари од Коалицијата „Вреди“, сопартијците на Таравари, како што се Арбен Фетаи и Азир Алиу, останаа дел од Коалицијата „Вреди“.

    Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој и редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024, во владата на СДСМ и ДУИ.

    Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити на 27 мај, на новинарско прашање дали Алиу ќе биде добар министер за здравство, со оглед на тоа дека е доктор на информатички науки, рече:
    „Министерот треба да биде добар менаџер кој што го познава системот, кој може да придонесе за подобро управување во тој ресор. Имало примери и во минатото и сега. Мислам дека Азир Алиу е добар и најдобар предлог за таа позиција“.

    Во биографијата на Хоџа е наведено тека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.

    „Ниту еден сектор не ја одразува состојбата во едно општество како здравството. Д-р Алиу е доктор по информатички науки, професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија.
    Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени. Во овој процес, д-р Алиу ќе има силна поддршка од мене како претседател на Владата. Но, и силна лична одговорност. Очекувањата од него се големи, а времето не ни е сојузник“, рече премиерот Христијан Мицкоски при претставувањето на новите имиња за министри.

    При претставувањето на предлогот за Хоџа, Мицкоски рече дека е млад, но сериозен човек кој знае како изгледа теренот.

    „Верувам дека тој ќе даде силна енергија и ќе биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството конечно да добие системска рамка и визија за иднината“, рече премиерот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира