Јанко Бачев, претседател на партијата Единствена Македонија, попладнево е задржан на информативен разговор во полициска станица, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.
Бачев е викнат на информативен разговор поради закани кои ги упатил преку Фејсбук.
Претседателот на проруската партија неколкупати преку социјалните мрежи им се закануваше на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за потребата од уставни промени во врска со Договорот за името со Грција.
Лидерот на десничарската проруска партија Единствена Македонија д-р Јанко Бачев, на 17 јуни со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце се качи на полициската оклопна кола на протестот пред Собранието против Договорот за името со Грција, кој заврши со судир меѓу демонстрантите и полицијата при обид да се пробие кордонот и имаше и повредени полицајци и протестанти.
Меѓу оние кои пробаа да го пробијат полицискиот кордон беше и Бачев, кој во еден момент се издвои од групата демонстранти и се качи врз оклопното возило и ги развеа знамињата, се задржа така неколку минути, а потоа на барање на полицаец се симна.
Неговата партија Народно движење за Македонија во јануари годинава го смени името во Единствена Македонија, а се залага за стратешко партнерство со Русија и е против зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија.
Бачев е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ на чиј сајт стои дека е официјален руски партнерски универзитет.
А. АНТЕВСКА