Министерството за внатрешни работи уапси лице од скопско Трубарево кое се претставувало како бајач и измамило брачен пар од Берово за 400.000 евра.
Како што пријавил Б. Д. (76) од Берово во штипската полиција, измамникот во периодот од 2022 до 2025, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти ги довел и ги држел во заблуда пријавителот и неговата сопруга М. Д., прикажувајќи се себеси како лице со посебни паранормални способности, наводен бајач, истерувач на духови и магии. Тој им рекол дека е божји човек кој има моќ и сила да растури зла магија што наводно била направена над нивниот син и наводно му ги загрозувала здравјето и животот.
„Во наведениот, речиси тригодишен период ги навел оштетените лица во повеќе наврати на различни локации во Скопје и Берово да му даваат парични средства во висина од 5.000 до 6.000 евра за помошта и така се стекнал со противправна имотна корист од вкупно 400.000 евра“, соопштија од МВР.
По примањето на пријавата од страна на полициски службеници од СВР Штип, во содејство со СВР Берово, Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје, а по насоки на јавен обвинител од надлежното ОЈО Кочани, веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на кривично-правниот настан.
„Вчера во Берово од слобода се лишени пријавениот Д. И. и неговата мајка Д. И. (76) од Трубарево, Скопско, кај која при извршен претрес се пронајдени парични средства во износ од 3.000 евра. При извршениот претрес во нивниот дом во Трубарево пронајдени се и одземени предмети поврзани со кривичното дело измама. По целосно преземени мерки и активности, против двете приведени лица е поднесена кривична пријава за продолжено кривично дело измама и истите се предадени на судија за претходна постапка во Основниот суд Кочани“, велат од МВР.