БАКТЕРИЈАТА МРСА Е ОПАСНА ЗА ОНИЕ СО НАМАЛЕН ИМУНИТЕТ, ТРИТЕ ЗАРАЗЕНИ ДЕЦА ОД ЧАИР НЕ ОДАТ ВО ГРАДИНКА, ВЕЛИ ИНСПЕКТОРАТОТ

    БАКТЕРИЈАТА МРСА Е ОПАСНА ЗА ОНИЕ СО НАМАЛЕН ИМУНИТЕТ, ТРИТЕ ЗАРАЗЕНИ ДЕЦА ОД ЧАИР НЕ ОДАТ ВО ГРАДИНКА, ВЕЛИ ИНСПЕКТОРАТОТ„Бактеријата МРСА не би ја нарекла смртоносна, но е опасна за оние на кои им е компромитиран имунитетот, односно лицата кои имаат други заболувања и ако се заразат од бактеријата може да им се искомплицира здравствената состојба“, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Ирина Сотирова-Бухова. (Фото: СДК.МК)

    Бактеријата МРСА или метицилин резистентни стафилококус ареус е посебен вид од групата бактерии стафилока, кои се отпорни на одредени видови антибиотици. Поради тоа, оваа бактерија се смета за опасна бидејќи може да направи компликации кај оние луѓе кои имаат намален имунитет. Оваа бактеријa по пријава од родител мината недела е изолирана кај три деца што оделе во градинката „Снегулка“ во Општина Чаир, а минатиот месец кај дете од основно училиште во Општина Бутел, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

    Директорката на ДСЗИ д-р Ирина Сотирова-Бухова, вели дека во градинката во Чаир зеле брисеви од сите деца и од воспитувачите, при што кај три деца е утврдено присуство на МРСА, а кај две е потврдено присуство на обична стафилококус ареус бактерија. Таа вели дека веднаш се преземени санитарени мерки, односно направена е механичка дезинфекција на просториите во кои престојувале децата, а децата се отстранети од градинката додека не донесат резултат дека се негативни на бактеријата.

    „Според антибиограмот што е направен, бактеријата реагира на антибиотици и децата веднаш се ставени под терапија. Во меѓувреме, треба да излезат и резултатите од контролните брисеви. Бактеријата МРСА не би ја нарекла смртоносна, но е опасна за оние на кои им е компромитиран имунитетот, односно лицата кои имаат други заболувања и ако се заразат од бактеријата може да им се искомплицира здравствената состојба“, вели д-р Сотирова-Бухова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира