БАНКИТЕ И МИЦКОСКИ ЌЕ ГИ ПРОДОЛЖАТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА КАМАТАТА НА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ ЗА ФИРМИТЕ

    БАНКИТЕ И МИЦКОСКИ ЌЕ ГИ ПРОДОЛЖАТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА КАМАТАТА НА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ ЗА ФИРМИТЕПремиерот рече дека рече дека во моментов се доближуваат ставовите, има од двете страни волја за решение, но одби да прецизира за висината на процентот на каматата за кој се разговара. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски и Македонската банкарска асоцијација денеска не постигнаа договор за висината на каматата на кредитите кои треба да се доделат на бизнис секторот во државата од 250-те милиони евра од унгарскиот кредит. По средбата во Министерстото за финансии, Мицкоски рече дека за каматата ќе се преговара уште следнава недела и во втората половина очекува дека ќе има некаков став. Тој рече дека во моментов се доближуваат ставовите, има од двете страни волја за решение, но одби да прецизира за висината на процентот на каматата за кој се разговара.

    Очекувањата на Владата се тие 250 милиони евра од унгарскиот заем наменети за развој на бизнис секторот да им се дадат на фирми со 3,25 проценти каматна стапка, истата под која е земен заемот, три години грејс период и дополнителни 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Владата бара од комерцијалните банки да ја субвенционираат разликата од 3,25 отсто камата до реалната банкарска висина на камата и банкарските трошоци.

    „Тие 3.25 проценти камата секако како Влада ќе ги платиме, целта е каматата која ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска за да може стопанството да добие пониска камата за кредитот. Сега реално има трошоци и да видиме што може од тие трошоци банките да намалат, а зависи тоа и од политиките на Централната банка“, рече Мицкоски и додаде дека сите од Македонската банкарска асоцијација сакаат да бидат дел од процесот.

    Во делот на рочноста, рече дека на средбата се договориле да се користи формулацијата, во зависност од барањата на клиентите да има „до 3 години грејс период“ и „до 15 години рок на отплата“.

    Македонија се задолжи за 500 милиони евра од Унгарија. Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми. Тие 250 милиони евра преку Македонската инвестициска банка ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира