БЕКНИ НЕШТО ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, ПОБАРА МИЦКОСКИ, ПЕНДАРОВСКИ МУ ОДГОВОРИ ДЕКА ТОЈ НЕ БЕКНАЛ КОГА ТРЕБАЛО

    БЕКНИ НЕШТО ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, ПОБАРА МИЦКОСКИ, ПЕНДАРОВСКИ МУ ОДГОВОРИ ДЕКА ТОЈ НЕ БЕКНАЛ КОГА ТРЕБАЛОЗа законите кои Мицкоски бараше од Пендаровски да не ги потпише гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика претседателот Стево Пендаровски да „бекне нешто“ и да не ги потпише законите изгласани денеска во Собранието, за кои гласаа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот, кој веднаш ги потпиша законите, кои се од петтиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и фирмите, одговори дека токму Мицкоски е тој што „не бекнал“ кога требало.

    Денеска во Собранието се изгласаа трите закони од петтиот пакет економски мерки со 113 гласа „за“, вклучувајќи и двајца пратеници од мнозинството кои дојдоа во парламентот во скафандери, бидејќи се позитивни на коронавирусот.

    „Претседателе Пендаровски, доста се криеш, бекни нешто. Застани зад правото, законите и Уставот. Тоа што Заев дозволил да биде заложник на Талат Џафери, тоа што пратениците од СДСМ одлучија да бидат слуги на инаетот и фрустрацијата на еден човек, нека биде нивен срам, ти имаш можност барем еднаш да покажеш дека си достоен за функцијата која ја извршуваш и не ги потпишувај законите кои се резултат на оваа седница“, напиша Мицкоски на Фејсбук по гласањето.

    Од Кабинетот на претседателот одговорија дека „на македонската јавност ѝ е добро позната заложбата на претседателот Пендаровски да ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 наши граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата. Затоа, денес претседателот Пендаровски без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година“, а за уставноста и законитоста во работењето на Собранието, Пендаровски го упати Мицкоски да се обрати кај претседателот на Собранието и Уставниот суд.

    „Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е ‘достоен за функцијата која ја извршува’, нашите граѓани најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години. Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски ‘не бекнаа’ за овие екстремни и многу опасни предлози“, се вели во претседателското соопштение.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира