АД „Бетон Штип“ нема градежни активности за доградба на Музејот на ВМРО пред да го добие тендерот на 5 август 2011 година, тврди министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како одговор на обвинувањата на Специјалното јавно обвинителство, кое ја сомничи дека уште пред да биде распишан тендер на 20 јуни истата година, на бившиот директор на компанијата, сведок во СЈО, му рекла да не чека, да гради, оти условите за тендерот министерството ги мести за најповолен понудувач да биде Бетон Штип.
Канчевска рече дека сведок може да биде кој било и дека папките со документи што ги исчита на долга прес-конференција токму во Музејот на ВМРО, покажуваат оти се било законски и транспарентно во оваа тендерска постапка. Немам разговарано по телефон со поранешниот директор што го посочувате, одговори таа на прашање. Канчевска рече дека 4 фирми подигнале тендерска документација, но не и е познато зошто конкурирало само АД „Бетон Штип“. Според тврдењата на СЈО, со наместениот тендер Министерството за култура на оваа градежна компанија и исплатило еден милион евра.
Специјалното јавно обвинителство денеска покрена истражна постапка под кодно име „Тендери“, a се однесува на склучување договор меѓу Министерството за култура и правното лице „Бетон Штип“ за извршување завршни градежни работи на Музејот на ВМРО.
Првоосомничена во случајот „Тендери“ е министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, а осомничени се и три други лица од Комисијата за јавни набавки од истото министерство.
„Бетон Штип без спроведена постапка, односно без јавна набавка, ги извршувал градежните работи и кога бил објавен огласот за јавна набавка, формално учествувал во постапката. Од Министерство за култура до „Бетон“, заклучно со 31 декември 2013 година, биле исплатени 54.501.336 денари“, кажа обвинителката Фатиме Фетаи на денешната прес-конференција.
Градежните работи врз овој објект биле извршени без да се спроведе јавна набавка, односно сведокот, тогаш директор во „Бетон“, усно бил известен од раководно службено лице од Министерството за култура, кое членувало во Комисијата за јавни набавки, дека може да се продолжи со изведба на градежните работи и да не се чекаат 20 дена за да се спроведе јавна набавка, додаде Фетаи.