До крајот на оваа година Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Високата медицинска школа и Клиничката болница од Битола ќе поднесат иницијатива до Владата за школата да прерасне во Факултет за медицински науки.
„Ги правиме сите напори да ја овозможиме оваа идеја. Идната година Високата медицинска школа слави 35 години постоење и е синоним за создавање квалитетен медицински кадар. Од друга страна, повеќе од евидентен е недостатокот на доктори на медицина во државата и овој проблем не може лесно да се надмине. Битола е единствениот град кој има Клиничка болница, а нема факултет“, рече ректорот Игор Неделковски.
Тој смета дека Битола има капацитет и за отворање на Факултет за уметности бидејќи во градот опстојуваат Државно средно музичко училиште, многу успешен Народен театар и развиена ликовна уметност.
Ж. ЗДРАВКОВСКА