БОГОВ СО ПОПЕСИМИСТИЧКА ПРОГНОЗА ОД ТЕВДОВСКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ ГОДИНАВА

    БОГОВ СО ПОПЕСИМИСТИЧКА ПРОГНОЗА ОД ТЕВДОВСКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ ГОДИНАВАГодината ќе заврши со економски раст од 0,5 отсто и инфлација од 1,3 отсто, проекција на Народна банка на Македонија. - Гувернерот Димитар Богов (Фото: Ѓ.Личовски)

    Раст на бруто домашниот производ од 0,5 отсто годинава предвидува Народната банка на Македонија, што е пониско од априлската проекција со која се предвидуваше годинава економскиот раст да биде 2,5 отсто од БДП. Димитар Богов, гувернерот на Народна банка, кажа дека основен фактори на раст како и досега е извозот, а дополнително влијаат и личната потрошувачка и инвестициите. Според него, економијата во земјата е стабилна и дека по поминување на неповолните ефекти врз економијата од политичката криза, проектираат раст на БДП од 3,2 отсто за 2018 и 3,5 отсто за 2019 година.

    „На среден рок се очекува најголем придонес за растот да има домашната побарувачка, со исклучок на оваа година, кога најголем придонес има извозот“, рече Богов.
    Инфлацијата според Богов годинава ќе биде 1,3 отсто, а следната година ќе биде 2 отсто, како резултат на промената на цените на стоките од увоз.

    Министерот за финансии Драган Тевдовски пак денес на јавната расправа за предлог буџетот за 2018 година, кажа дека економскиот раст годинава ќе биде 1,6 отсто, а инфлацијата ќе биде 1,7 отсто.

    Богов кажа дека често се разликуваат во проекциите за економскиот раст со Министерството за финансии, и дека при правење на проекцијата за 2018 година и 2019 година не е земено предвид зголемувањето на акцизата на нафтата и зголемување на основицата за придонеси, што денес ги најави министерот Тевдовски.

    „Имавме информација дека се планира зголемување на акцизата, но бидејќи немавме прецизни бројки колку ќе биде, не ја вметнавме во проекциите. Но, од брзата анализа што денес ја направивме, директниот ефект од зголемување на акцизата нема да биде голем, а за индиректниот ефект не можеме да кажеме дали ќе остане на проектираното“, рече Богов.

    Тој кажа дека девизните резерви се на адекватно ниво и во сигурна зона за да се справат со можни шокови, иако не очекуваат да ги има.
    „Оваа година ќе има раст на депозитите за 3,6 отсто а на кредитите за 4,6 отсто. За 2018 и 2019 година се очекува раст на депозитите за 6 отсто, а на кредитите за 7 отсто. Банкарскиот систем е е ликвиден и високо капитализиран“, рече Богов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира