БОЈКОТИРАЊЕТО НА РЕФЕРЕНДУМОТ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ Е СРАМНО БЕГСТВО ОД ОДГОВОРНОСТ, РЕЧЕ ДИМИТРОВ

    БОЈКОТИРАЊЕТО НА РЕФЕРЕНДУМОТ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ Е СРАМНО БЕГСТВО ОД ОДГОВОРНОСТ, РЕЧЕ ДИМИТРОВНе можам да кажам дека ме изненади Иванов, вели дека ќе го брани Уставот, но не може да се брани Уставот со кршење на истиот, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров (Фото:СДК.МК)

    Изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека нема да гласа на референдумот за името на 30 септември , за министерот за надворешни работи Никола Димитров е срамно бегство од одговорност. Иванов, кој е во посета на САД,  вчера за време на посетата на македонската дијаспора во Детроит изјави дека на претстојниот референдум нема да излезе на гласање оти пред 27 години гласал за независна држава со достоинство и дека нема да отстапи од ветувањето кое го дал пред граѓаните.

    „Не можам да кажам дека ме изненади Иванов. Вели дека ќе го брани Уставот, но не може да се брани Уставот со кршење на истиот. Законот за ратификација на договорот беше изгласан во Собранието и по втор пат, и Уставот вели дека претседателот е должен да го потпише. Ние сме демократска држава. Граѓаните бираат кој ќе им служи со гласање. Нема поголемо демократско средство од тоа да ги прашате граѓаните. Затоа е референдумот. За ова прашање изгубивме многу генерaции, а јас како што паметам во нивната кампања имаше план за референдумот. Самиот Иванов рече дека ако има заемно прифатливо решение и договор на двете страни, ќе се излезе на референдум. А, сега после ваков договор кој го имаме да се каже дека ќе се бојкотира, е срамно бегство од одговорност, и тоа да се искаже, не од тука, туку од преку Океанот“, рече Димитров, на денешната прес-конференција, запрашан за коментар на изјавата на претседателот Иванов дека ќе го бојкотира референдумот.

    Иванов пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит рече: „Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“.

    Претседателот Иванов на 27 септември ќе има обраќање на генералната дебата на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира