Џезаир Шаќири – Хоџа, кој прво беше именуван за советник на премиерот Зоран Заев, а потоа под притисок на јавноста си даде оставка, во радио емисија му порача на ВМРО-ДПМНЕ да не претерува со негова дисквалификација.
„Нека не претерува ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот министер за финансии Трајко Славески во 2007 година дојде во Танушевци. Ако бев терорист, или бев лош, ќе го држев една недела во Танушевци, кој ќе потпишеше за плата? Цела Македонија ќе останеше без плата“, рече Џезаир Шакири-Хоџа, во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.
На прашањето дали ќе се гледа со советникот за странски инвестиции Љубе Бошкоски, со кого во 2001 година се гледале преку нишан, Шаќири рече:
„Ќе бидам искрен, ќе кажам јавно. Љубе Бошкоски беше заебан од македонските националисти, исто како што бев и јас од моите. Го држеа 4 саати легнат на асфалт, а мене моите ме оставија 10 години. Нема проблем да го испиеме кафето што остана неиспиено од Арачиново“, вели Џезаир Шаќири-Хоџа.
Тој кажа дека им помогнал на ВМРО-ДПМНЕ кога министер за надворешни работи беше Антонијо Милошоски, кој побарал помош од него за демаркација на границата со Косово во 2008 година и дека учествувал во ослободување на 11 киднапирани полицајци во Арачиново и на еден во Куманово.
Џезаир Шаќири е поранешен командант на ОНА, кој неколку дена беше во центарот на вниманието на македонската јавност откако стана надворешен соработник на премиерот Зоран Заев за борба против радикализмот. Шаќири беше ангажиран со времен договор на една година со плата од 36.000 денари месечно.
Премиерот Заев за назначувањето на Хоџа за советник за внатрешната безбедност и борба против радикализмот кажа дека тој чесно ќе си го заработува лебот бидејќи издржува многудетно семејство.
„Причината за тоа лежи во фактот дека медиумите во Македонија кренаа преголема врева за ова назначување. Единствениот политичар во Македонија што ми укажал некаква шанса е премиерот Зоран Заев и тој единствено ја има мојата почит. Не сакам заради ова Македонија да трпи на својот пат за ЕУ и НАТО. Ако мислеа дека ми е до тие пари, се лажат. Еве им ги назад, не ми се потребни“, изјави Шакири за МИА, на 11 март кога ја даде оставката.
Г. ТРПЕНОСКИ