Бранимир Јовановиќ, советникот на министерот за финансии Драган Тевдовски, кој минатата недела на социјалните мрежи објави дека го напушта Министерството за финансии, заминал на усовршување, рече министерот, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој кажа дека е задоволен од досегашната работа со советникот Јовановиќ и дека тој многу помогнал во досегашните реформи.
„Тој и претходно најави дека ќе замине и затоа обучи човек од внатре. Со него сработивме голем дел од реформите“, рече Тевдовски.
Тевдовски рече дека не очекува да биде зафатен од метлата што ја најави премиерот Зоран Заев.
„Целосно сме посветени на реформите, денес ја презентираме дигитализацијата на Управата за имотно правни работи, веќе ја дигитализиравме УЈП, разговараме за дигитализација на царината. Ако треба да сумирам како министер целосно сум задоволен од работата на органите во состав, намален е јавниот долг и ќе продолжиме понатаму. Ја донесовме даночна реформа, фискална транспарентност, реформа на јавните набавки. Тоа се важни промени“, рече Тевдовски.
Е. БОЧВАРОСКА