Министерството за внатрешни работи уапси четири лица кои посредувале при проституција со девојки од Бразил во станови во зградите на „Џавахир“ во Скопје. Три лица, меѓу кои и бразилска државјанка, се осомничени за „Посредување при вршење на проституција“ и едно лице за кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според досегашните сознанија на МВР, во периодот од декември 2023 година наваму првоосомничената, бразилска државјанка со дозвола за привремен престој во земјава, заедно со второ и третоосомничените, македонски државјани, како и со две неидентификувани лица од Португалија организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил.
„Тие заради вршење на проституција донеле во земјава пет Бразилки од 26 до 38 години кои ги сместувале во претходно изнајмени станови во Скопје, во комплексот ‘Џевахир Холдинг‘. Девојките во двата стана каде што биле сместувани давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб-страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле постирани телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина“, велат од МВР.
Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти и го организирала дневниот распоред за секоја девојка. За сексуалните услуги кои ги давале девојките наплатувала 150 евра за половина час, 200 евра за еден час, 300 евра за два часа, 450 евра за три часа и 800 евра за цела ноќ. Таа одобрувала и дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра нагоре. За возврат добивала 30 отсто од заработувачката на девојките што ја делела со второ и третоосомничениот кои пак организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките.
Со цел да го прикрие вистинскиот извор на парите, првоосомничената дел од парите односно околу 26.000 евра преку систем за електронски трансфер ги уплаќала на лица во Португалија и Бразил. Второосомничениот пак, во два наврати дел од парите ги уплатил кон едно лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите, а направил и повеќе готовински исплати за различни сопствени потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот преку субагент за трансфер на пари износ од 1.965 евра испратил на првоосомничената на нејзина сметка во Португалија, а 150 евра испратил кон физичко лице во Колумбија.
Во мрежата бил и 23-годишник кој во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките и ја носел со себе на патување во странство. Тој плаќал на првоосомничената најмалку 5.000 евра по патување, за да биде придружуван од девојката при неговите патувања во Рим и Лондон. Тој на девојката ѝ креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) иако знаел дека таа парите ги прибавила со казниво дело. Преку профилот и со поседување на електронски паричник (wallet), девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства.