Бремените жени и повозрасните лицата на возраст над 60 години да бидат ослободени од работа, а во градинките децата да не се изнесуваат на отворeно во период од 11 до 17 часот. Ова се дел од препораките за заштита на населението што ги даде Министерството за здравство според планот за превенција од топлотни бранови, по метеоалармот од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) дека седум дена ќе има високи температури на територијата на цела држава од портокалова фаза.
„Според информациите од УХМР, сите региони во државата, Скопскиот, Осоговско-Малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза. Се препорачува сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници. Општините, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат проактивен пристап и да пружат помош на осамени стари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на работниците, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област“, препорача Министерството за здравство.
Министерствотопотсети дека во текот на летниот период треба да се почитуваат општите мерки за заштита на населението, односно за време на високите температури да седат во климатизирани простории, а при неопходен престој надвор да најдат можност за почести одмори под сенка.
„Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. При сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари“, препорачува Министерството за здравство.
Високите температури може да предизвикаат труења со храна и цревни заболувања, поради што се препорачува задолжително миење на зеленчукот и овошјето пред нивната употреба.
„Храната термички да се обработи и да се јаде во кус период по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер, и пред употребата да се загрее на 100 степени Целзиусови. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови“, препорача Министерството за здравство.
Здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети и лекови за евентуално справување со зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.
„По потреба и на дневна основа, Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството ќе предлага мерки и активности за минимизирање на овие ризици, посебно за најранливата категорија на граѓани во деновите кои доаѓаат“, велат од Министерството за здравство.
Кон овие препораки се приклучи и Министерството за труд и социјална политика со апел Државниот инспекторат за труд да врши зголемени контроли.
Е. БОЧВАРОСКА