Бројот на заболени од грип во земјава во периодот од 27 октомври до 2 ноември е зголемен за 67,9 отсто во споредба со претходната недела, вели извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во тој период пријавени се 94 случаи на заболени од грип, за разлика од претгоднаата недела, кога биле регистрирани 56 случаи.
„За споредба, во претходната недела се забележува зголемување од двапати повеќе во однос на 44. недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 47 заболени лица, додека во однос на моделот за последните 15 сезони (66), се регистрира зголемување од 42,9%“, вели ИЈЗ.
Заболените лица оваа недела се регистрирани во Гостивар – 27, Куманово – 26, Битола – 7, Штип – 15, Неготино и М. Брод – по 4, Тетово и Струмица – по 3, Скопје и Радовиш – по 2 и Кавадарци – 1. Во однос на возраста, од 15-64 години се регистрирани 70 лица, лица над 65 години – 17, од 5-14 години – 6 лица и од 0-4 години – едно лице.
Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=22,03/100.000), односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.
Во сезоната 2025/26 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 338 (I=18,4/100.000). Во споредба со истиот период од минатата сезона (195), бројот на пријавени случаи е зголемен за 73,3%, а во однос на моделот од последните 15 сезони (266) се регистрира зголемување од 27,1%. Во досегашниот тек на сезоната на грип не се регистрирани починати лица асоцирани со грип.
Во Македонија оваа сезона вакцинирани се 53.114 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.



