Пред пунктот за вадење лични документи без закажување во скопската полициска станица Пролет неделава постојано има редица со стотици граѓани, кои чекаат надвор, често на дожд.
Граѓани кои се јавија во редакцијата велат дека во пунктот работат само четири шалтери, иако беше најавено дека ќе бидат 12, па се чека по минимум 3-4 часа на студено време.
Попладнево, на еден од граѓаните кои чекаа му се слоши и интервенираше екипа на Брза помош. Сведоци на настанот велат дека пунктот престанал со работа додека траела интервенцијата на Брзата помош, па многумина се откажале од чекање за денеска.
Од МВР денеска соопштија дека пунктот ќе работи и викендов, со работно време во сабота и недела од 8 до 16 часот, а граѓаните кои сакаат да направат промена на личните документи таму, тоа можат да го направат без претходно закажување.
Овој пункт беше отворен затоа што до 12 февруари 2024 година, сите лични документи (пасоши, лични карти и возачки дозволи) треба да бидат со Република Северна Македонија – задолжителна обврска од Преспанскиот договор потпишан со Грција.