Брзите имунолошки тестови за КОВИД-19 кои што кај нас ги нудеше болницата „Систина”, не се од холандски производител како што се тврдеше, туку се од кинеско производство, откри истражувањето на ОЦЦРП, во кое учествуваа ИРЛ Македонија, ИПРИ Италија, МулИпри Медиа, Бивол Бугарија, Крик Србија. Инвестико Холандија, Важни стории Русија и Темпо Индонезија. ОЦЦРП е меѓународен проект за известување за организиран криминал и корупција.
Резултатите од истражувањето покажаа дека тестот е кинески и не е прецизен, препакуван е во Холандија и нуден како европски. Производител на тестот, продаден од холандската компанија Инзек Интернешнл Трејдин под брендот Биозек, е кинеската компанија Хангжоу Олтест Биотек и во неколку независни испитувања, велат авторите на истражувањето, се покажал помалку точен отколку што се тврди.
„Репортерите открија дека тестовите не ни биле направени во Холандија. Наместо тоа, тестот – продаден од холандската компанија Инзек Интернешнал Трејдин под брендот Биозек – беше еден од најмалку три брендови на брзи тестови за корона вирусот издаден од европски и американски производители, кои всушност се ре-брендирани од популарен кинески тест. Тестот, произведен од Хангжоу Олтест Биотек, во неколку независни испитувања се покажал помалку точен отколку што се тврди. Владата на Велика Британија ја откажа нарачката за тестовите, откако наводно открила дека не успале да ги исполнат нивните стандарди за точност. А сепак, милиони тестови се продаваат низ целиот свет. Честопати се продаваат и промовираат како квалитетен европски производ, во имплицитен контраст со помалку престижните кинески произведувачи. Истите кинески тестови, под различни имиња на брендови беа користени од здравствени установи и влади во земји, вклучувајќи ги и Шпанија, Италија, Франција, Велика Британија, Индонезија, Русија и Ватикан. Тие завршија во рацете на трговците на мало преку интернет, кои продаваат на луѓе кои не се здравствени работници – практика која оди во спротивност со упатствата за безбедна употреба. Тие дури беа и шверцувани во Украина во пратка со облека“, се вели во истражувањето на ОЦЦРП.
Во Македонија, тестот бил обезбеден преку швајцарскиот посредник Спринг Хелткер, кој продаде 500 брендирани тестови Биозек во болницата „Аџибадем Систина“ за 8 евра од тест во средината на март, според фактурата добиена од новинарите, кои го правеа истражувањето. Тестовите доаѓаат од серија од околу 100,000 испратени од Инзек до Спринг Хелткер, според истражувањето.
„Вкупно, 50.000 тестови на Биозек биле увезени во Македонија, според царинските записи. Поголемиот дел од тие пратки се случиле преку друг посредник, откако се распадна врската меѓу швајцарската и холандската компанија. Тестот на Биозек беше искористен како дел од агресивната маркетинг кампања на болницата ‘Аџибадем Систина’, која брзо потоа падна пред регулаторите. ‘Брзите и ефикасни’ тестови беа промовирани преку интернет и преку платени реклами во локалните медиуми“, се вели во истражувањето на ОЦЦРП.
„Во април, Агенцијата за лекови и медицински помагала во земјата (МАЛМЕД) нареди болницата да ги тргне сите реклами за тестовите, откривајќи дека болницата не успеала соодветно да ѝ ја соопшти на јавноста ограничената клиничка корисност на тестовите, изјави за ОЦЦРП директорката на агенцијата Визара Риза.
На почетокот на минатиот месец, „Аџибадем Систина“ најави дека „до конкретни лица ќе поднесе кривична пријава за загрозување на јавното здравје преку невистинитите информации кои ги пласираат во јавноста и ширење паника преку изнесување лажни вести“ во врска со брзите тестови за КОВИД-19 кои што се користат во оваа болница. Од „Аџибадем Систина“ тогаш рекоа дека овие тестови се набавени од холандска компанија со која имаат ексклузивен договор за соработка, а истата е дистрибутер на овој бренд на тестови кои ги произведува друга компанија, исто така од Холандија.
Во истражувањето се вели и дека британската влада на почетокот на април откажа мултимилионска нарачка за комплетите на Олтест, по прегледот предводен од универзитетот Оксфорд, кој наводно открил дека Олтест и друга кинеска марка не успеале да ги исполнат нивните потребни стандарди за точност.
„Резултатите од клиничкото испитување објавени од ’Олтест’ кои тврдат 92,9% и 98,6% точност се ‘ѓубре“‘, изјави за ОЦЦРП Клер Стендли, професор асистент по истражувања во Центарот за глобална здравствена наука и безбедност на Универзитетот Џорџтаун.