БУГАРИЈА ПЛАТИЛА 11 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГУБЕНИ СЛУЧАИ ВО СТРАЗБУР, МЕЃУ НИВ И 16 ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА КОИ УПОРНО ОДБИВА ДА ГИ СПРОВЕДЕ

    БУГАРИЈА ПЛАТИЛА 11 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГУБЕНИ СЛУЧАИ ВО СТРАЗБУР, МЕЃУ НИВ И 16 ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА КОИ УПОРНО ОДБИВА ДА ГИ СПРОВЕДЕОд вкупно 16 добиени пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. - Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур (Фото: А.Михајловска)

    Бугарија е една од државите со најмногу неспроведени осудителни пресуди на Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, околу 170, кажа бугарскиот министер за правда Крум Зарков вчера на конференција во Софија. Досега, Бугарија вкупно платила 11 милиони евра отштети за пресуди против државата, меѓу нив и за 16-те пресуди во корист на македонските здруженија кои што Бугарија упорно одбива да ги регистрира, наспроти одлуките и насоките на судот во Стразбур.

    За 30 години од ратификацијата на Европската конвенција за човековите права, Бугарија била тужена околу 1.500 пати и од нив половината се со осудителни пресуди за нарушување на конвенцијата.

    Од вкупно 16 добиени пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Стразбур во 2001 година. Ниту неа, ниту последователните 10 добиени пресуди, Република Бугарија не ги спроведе до денеска. А ни останатите 5 што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од страна на бугарските власти.

    Токму за ова одговараше на новинарски прашања претседателот на Европскиот суд за човекови права и слободи Роберт Спано, кој на 5 ноември лани беше во Скопје. Според него, секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана да ги спроведува пресудите на судот, но тие како суд не се извршно тело и немаат овластување да го следат спроведувањето на своите одлуки.

    „Општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата“, рече Спано.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, дали Судот во Стразбур има механизми на присилба за спроведување на пресудите, тој одговори дека нема и дека за спроведувањето на одлуките е надлежен Комитетот на министри.

    „Кога Европскиот суд изрекува пресуда, ако смета дека државата е одговорна за прекршување на правата и треба да плати отштета, изрекува таква пресуда во која се смета дека државата е одговорна и секако дека може да имате слични пресуди кои се однесуваат на слични кршења на правата од страна на државата и судот повторно ќе донесе такви свои одлуки. Следењето на спроведувањето на одлуките, дали преку промена на националните закони или дали државата ја платила оштетата, тоа го следи Комитетот на министри. Самиот суд нема извршна моќ, нема извршни овластувања да го следи извршувањето на своите пресуди како што имаат националните судови во националните системи. Во рамки на Советот на Европа имаме точна дистинкција меѓу Европскиот суд како тело кое носи пресуди и Комитет на министри кое е извршно тело, односно се грижи за извршување на истите“, кажа Спано.

    Комитетот на министри на Советот на Европа го сочинуваат министрите за надворешни работи на земјите членки и тој се состанува еднаш годишно.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира