Поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков од затворот во Шутка утринава во Основниот суд Скопје 1 беше донесен и кратко сведочеше во случајот „Тортура“, против обвинетите Сашо Мијалков, Ивица Анчевски-Пуки и уште петмина обвинети од алфите во МВР.
„Како началник за организиран криминал наметнав практика, секое дејство што го презема одделот, секоја информација и за секое развивање на информацијата за одредено кривично дело, да се приклучи претставник од Обвинителството за организиран криминал. Не се сеќавам дали сум учествувал во апсењето на Бошкоски, ама тврдам дека во секој случај документирано е сè. Се сеќавам дека имаше посебни истражни мерки за Љубе, ама релацијата беше истражен тим – јавен обвинител кој раководеше со истрагата“, се огради уште од почеток Чавков дека на каков бил начин раководел со апсењето и малтретирањето на Бошковски ден по изборите во 2011 година.
Чавков е во притвор во Шутка до правосилност на пресудата за нападот во Собранието на 27 април. Тој не можеше да се сети кој ги документирал прислушуваните материјали и докази од ПИ мерките против Бошкоски, ни дали тој ја дал наредбата за негово апсење. Рече дека тоа го раководел обвинителот.
„Значи, вие не ја дадовте наредбата за апсење?“, праша обвинителот од СЈО Љубомир Лапе.
„Не“, одговори Чавков под заклетва.
„Дали лично му се јавивте на обвинетиот Ивица Анчевски да го лиши од слобода Бошкоски?“, праша Лапе.
„Тој период се поклопува кога јас бев на лекарска интервенција коронографија во болница. Не се сеќавам навистина“, одговори Чавков на директното испрашување од обвинителот.
Одбраната немаше прашања, но судијката Александра Ристовска, да.
Дали бил информиран и координиран за апсењето на Бошкоски, го праша таа.
„Не се сеќавам дека сум бил информиран за апсењето. Дента не ми се јави никој. Јас од обвинетите ги познавам само Сашо Мијалков и Ивица Анчевски – Пуки, тие не ми се јавија“, одговори Чавков.
Во „Тортура“, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и уште шестмина припадници на алфите се обвинети за нечовечно постапување и омаловажување при апсењето на Љубе Бошкоски во тогашна истрага за незаконско финансирање на изборна кампања.
Случајот „Тортура“ произлегува од третата бомба на поранешната опозиција, објавена на прес-конференција на Зоран Заев на 20 мај 2015 година.
Транскрипт на дел од објавениот разговор меѓу Сашо Мијалков и Драган Павловиќ – Латас:
СМ: Лежеше таму едно пола саат на стомак, врзан на лисици. Дојдоа новинари го испосликаа, лом го направија, вриштел: Сашо Мијалков ме намести и солзи течеле.
ДПЛ: Леле, леле, леле.
СМ: И викал, како ми го начука Сашо Мијалков. А врзан со лисици отпозади, као Штрос Кан.
ДПЛ: А добро, чекај, што вика од каде му се тие 100.000?
СМ: Сега ќе ти кажам. Тоа ги зима за кампања, незаконски, незаконско финансирање на пари. Ова му е трет пат како ги зима. Ги има земено еднаш десет, еднаш дваесет и сега сто илјади. И тоа е кривично дело минимум пет години.
ДПЛ: А чекај од каде ги зима?
СМ: Ги зима од човек.
ДПЛ: Ама од странство?
СМ: Молим?
ДПЛ: Од странство или од тука?
СМ: Тука бе тука, у Воденица.
ДПЛ: А у Воденица, мене ми пишале на граница.
СМ: У Воденица бе, каква граница.
ДПЛ: Ауу, па он многу се осилил.
СМ: А бе лежеше тука 40 минути бе, сите го гледаа бе.
ДПЛ: Леле, леле, леле.
СМ: Па го вртеа со глаата према WC, со лисиците. Народ гледа.
ДПЛ: Леле, леле, леле
СМ: Му ебав мајката, што да ти речам сега.
ДПЛ: Нека јаде гомна сега.
СМ: …..А?
ДПЛ: Сеа со Велија заедно ќе се дружат.
СМ:Со Велија ќе слават победа сега.
ДПЛ: Да, да, да.
СМ: Осум години ќе му биде ова да знаеш.
ДПЛ: Види 30 дена ќе помине со Велија, а после ќе видиме.
СМ: Какви бе триесет дена, не искача тој до издржување на казна, какви триесет дена што ти е на тебе.
ДПЛ: Не, не зборот ми е со Велија ќе бидат минимум триесет дена заедно.
СМ: Не знам ја ќе му пуштам некој вака по, понадарен да го е.. унутра. Велија не може да го е.. добро. А?
С. К. ДЕЛЕВСКА