Меѓу четирите партии потписнички на Договорот од Пржино клучниот судир се води околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи. Таа функција во преодната влада повторно треба да и припадне на опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ инсистирале министерот да ги има надлежностите кои се предвидени со законските измени кои владејачката партија ги спроведе во меѓувреме, додека од опозициската партија бараат ингеренциите, кои во меѓувреме беа префрлени на владата, да се вратат во МВР.
Во меѓувреме министерот за внатрешни работи Митко Чавков распиша оглас за вработување на 600 нови полицајци. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК најмногу полицајци ќе бидат вработени во регионалниот центар во Скопје, во скопските општини и во Струмица и Охрид.
Портаролот на МВР Дејана Недељковиќ, потврди дека ќе се распише оглас за прием на нови полицајци, но не сакаше да даде детали за нивната бројка и на кои места ќе бидат распоредени. Таа рече дека не може да каже ништо додека огласот не се појави во печетните медиуми. „За тоа е задолжена правната служба на МВР и затоа не можам да ви кажам ништо повеќе затоа што и јас не сум запозната“, изјави Недељковиќ.