ЧЕКАЛЕ ПОЖАРНИКАРОТ ДА ИМ КАЖЕ ДА СПАСУВААТ ЖРТВИ, ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО НА 13-ТЕ ПОЛИЦАЈЦИ И НАЧАЛНИЦИ КОИ НЕ ГО ЗАПРЕЛЕ КОНЦЕРТОТ НА ДНК ВО „ПУЛС“ И НЕ ГИ ВИДЕЛЕ ОГНЕНИТЕ ПРСКАЛКИ

    ЧЕКАЛЕ ПОЖАРНИКАРОТ ДА ИМ КАЖЕ ДА СПАСУВААТ ЖРТВИ, ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО НА 13-ТЕ ПОЛИЦАЈЦИ И НАЧАЛНИЦИ КОИ НЕ ГО ЗАПРЕЛЕ КОНЦЕРТОТ НА ДНК ВО „ПУЛС“ И НЕ ГИ ВИДЕЛЕ ОГНЕНИТЕ ПРСКАЛКИОбвинителката Спасенка Андонова во вкрстени прашања само потсети дека цивили највеќе спасувале, а немале ни полициско палто. (Фото: СДК.МК)

    На денешното судско рочиште за обвинетите 13 полициски раководители и старешини одговорни за трагедијата со 63 млади жртви во Кочани на 16 март 2025 година, сведочеа сведоци на обвинетите, во насока на тоа колку биле професионални присутните полицајци и колку спасувале таа ноќ односно рано утро, наспроти бројни сведочења дека полицијата таа ноќ одбивала да помогне со образложение: „Не сме обучени за ова”.

    Благојчо Паунов, пожарникар-спасител, повикан како сведок на одбраната на 13-те полицајци обвинети за безбедносни пропусти што доведе до катастрофалниот пожар од активираните огнени прскалки во нелегалната дискотека „Пулс”, рече дека дојавата на 16 март лани ја примиле во 02.35 часот.

    „Се паркиравме на 10 метри од влезот. Имаше многу паднати и легнати свесни лица, не можевме поблиску да пријдеме. Се сеќавам дека кога пријдовме на влезната врата, имаше многу заглавени лица на вратата. Во тој момент имаше само мал чад што се гледаше. Доаѓаа и други противпожарни (ПП) возила. Влезната врата беше пренатрупана од легнати лица во висина на мојата глава. Жртвите со тоа го прекинале дотокот на кислород, пожарот се намалил веројатно поради тоа. Почнавме да извлекуваме лица. До вратата стоеја неколку полицајци и цивилни лица. Му реков на полицаецот Драган Петрушев, викан Казак, да собере луѓе да извлекуваме што повеќе повредени лица”, одговараше сведокот.

    „Дали ви помогна обвинетиот Петрушев?”, праша неговиот адвокат.

    „Како мешовити тимови извлекувавме заедно”, кажа пожарникарот-спасувач.

    „Дали беше возможно еден човек, сам човек да изнесе лица во бессознание, без помош од други лица?”, го прашуваа адвокатите.

    „Многу беше тешко, двајца, па и тројца луѓе вадевме едно лице. Најдолу две девојчиња бараа да ги извлечеме. Многу беше тешко”, рече тој.

    Во внатрешниот дел пожарникарот го видел пеколот. Задушени и изгорени, но и живи заглавени кои барале помош.

    Тој во продолжение одговори дека пожарот бил локализиран дури по два часа, кај 4 утрото, а целосно гаснење во 5 часот. Од заглавените лица на вратата не можеле веднаш да гаснат, тоа го сториле 5-10 минути подоцна, бидејќи не можело да се гази врз настраданите.

    Во оваа трета и најголема група полициски службени лица што ги обвини обвинителката Ивана Трајчева, се: Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.

    Обвинителството овие 13 полицајци ги товари затоа што не постапиле според усвоениот план за акциска контрола во дискотеката на 16 март 2025. Планот бил одобрен два дена пред да се случи трагедијата на 14 март, без да се спроведат сите неопходни проверки кои се во надлежност на МВР. Двајца од обвинетите планот го изготвиле врз основа на претходно изготвени планови, без да изменат каква било точка што би била во корист и ефикасност при постапувањето.

    Полицајци од Пробиштип и Кочани биле испратени во 2 часот по полноќ да направат акциска контрола, а други обвинети не им дале конкретни насоки како да постапуваат внатре во кабарето „Пулс”.

    Тие, заедно со нивниот колега полицаец што почина во пожарот, Тоше Тодоровски, се обвинети дека не презеле мерки да ги откријат прекршоците и другите кривични дела за кои е надлежна полицијата. Со други зборови, не го спречиле активирањето на пиротехниката во моментот кога ја вршеле контролата.

    Според обвинението, полицајците не направиле „процена и управување со ризик“, како што им налагаат стандардните оперативни процедури кога постои ризик по јавниот ред и мир и каде што има поголемо учество на полицијата.

    На смртноста значително влијаела токму „преполнетоста на објектот со посетители кои пробувале да излезат со масовно туркање, што резултирало со паѓање на посетителите во ходникот“.

    Обвинетите полицајци, како што пишува во обвинителниот акт, не презеле ништо со што би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните во дискотеката, со што придонеле да загинат 63 луѓе, а над 230 да добијат тешки, животозагрозувачки и до ден денеска болни повреди, како и полесни повреди. Тие се обвинети за Тешки дела против општата сигурност по чл. 292 ст. 2 в.в со чл. 288 ст.3 в.в со ст.2 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.

    Друг адвокат денеска го прашуваше сведокот дали полицајците имале безбедна опрема за спасување како нивната. Сведокот кажа дека немале таква опрема како нивната.

    Обвинителката Спасенка Андонова во вкрстени прашања само потсети дека цивили највеќе спасувале, а немале ни полициско палто.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира