На Клиниката за кардиологија минатата недела кај четворица пациенти успешно е изведена минимално инвазивна процедура за поставување вештачки аортни залистоци на местото на оштетените природни залистоци, или позната како „ТАВИ“ процедура. Овој зафат не е нов на Клиниката за кардиологија, но оттаму велат дека годишно се прават малку и важно е кога ќе се изведат успешно, бидејќи се работи со пациенти со тешка аортна стеноза, односно пациенти кои се во ризик.
Менување на аортните залистоци со вештачки при класична операција се прави со целосна анестезија, отворање на градниот кош и отворање на аортата. При тоа периодот потребен за заздравување на пациентот е подолг, односно останува повеќе денови во болница, а за заздравување на раната потребен е околу еден месец. “ТАВИ” процедурата се изведува со лесна седација (обезболување) на пациентот, а протезата се внесува преку артерија на ногата, која се пунктира во пределот на препоните. Процедурата, заедно со подготовката во салата, трае помалку од два часа, а пациентот по неколку часа е активен.
„Процедурите се изведоа успешно кај сите пациенти, и тие се веќе пуштени дома и целосно активни. Ехото на срце по процедурата покажа одлична функција на новите залистоци , со целосно намалување на срцевото оптоварување кое е главен проблем кај ова заболување и причина овие пациенти постојано да имаат гушење, неможност и за најмала физичка активност, се до губиток на свест“, вели д-р Оливер Бушљетиќ, дел од тимот на Клиниката за кардиологија што ги изведуваше „ТАВИ“ процедурите.
Директорот на Клиниката за кардиологија д-р Жан Зимбаков вели дека операциите се успешно изведени благодарение на тимската работа од интервентни кардиолози, анестезиолог, кардиолозите од одделот за ехокардиографија и за интензивна нега, и радиолозите од Институтот за радиологија, кои се вклучени во подготовката на пациентите и следење по изведената процедура.
Од Кардиологија велат дека до крајот на годината планираат да направат вакви операции кај уште четири до пет пациенти.
Е. БОЧВАРОСКА