Од Софија за САКАМДАКАЖАМ.МК: Соња Делевска
Следните четири месеци членовите на комисијата за историја ќе имаат три средби и многу интензивна работа која треба да ги реши отворените прашања, кажа бугарскиот премиер Кирил Петков на денешната прес-конференција по заедничката седница на бугарската и македонската влада во Софија.
„Ќе има средби и меѓу овие три средби. Има поинаков дух за работа сега. Ако не си зборат меѓу себе луѓето, ако не контактираат, нема да има решение”, кажа Петков.
За правата на бугарското малцинство во Македонија премиерот Димитар Ковачевски на новинарка од земјата домаќин на заедничката седница на двете влади одговори дека нашата земја е европска земја во која индивидуалните права се остваруваат во рамки на колективните.
За впишување на бугарското малцинство во Уставот, кажа дека тоа е процес кој што поминува низ уставни измени и има повеќе чекори во кои се вклучени повеќе институции.
„Ако тоа се случи, а нормално дека такво нешто се случува на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвора уставот со цел и други адаптирања се направат, тогаш низ тој процес секако дека ќе бидат опфатени и тие прашања врз основа на барањата на граѓаните“, изјави премиерот Ковачевски.
Петков констатираше дека колегата „ова убаво го објаснил”. За останатите комисии за соработка Петков рече дека следната недела формираните комисии ќе се сретнат пак, така ќе биде секоја недела. Резултатите од работата ќе се реферираат исто така еднаш неделно.
Ковачевски ги поздрави и двата члена на комисијата за историја кои присуствувале денеска и кои се обврзале дека ќе ја забрзаат работата.
Ковачевски на новинарско прашање одговори дека и тука и во Скопје со Петков разговарале за политичките прашања.
Критериум за успех за него е со силна динамика да постигне успех историската комисија и Република Северна Македонија да седне на заедничка владина седница со министрите на Европската унија.
Министрите за земјоделие, за економија и за транспорт потпишаа и меморандуми за соработка, а присутните службеници од двете влади го поздравуваа со ракоплескање секој потпис.
Работните групи на владите на Северна Македонија и Бугарија денеска ги поставија основите за работа и го утврдија роковите за исполнување на приоритетите.
Во насока на продлабочување на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, денеска се одржаа и одделни состаноци на работните групи утврдени за време на официјалната посета на премиерот Петков на Скопје.
Работната група која ја опфаќа соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите и развојот, инвестициите и земјоделството ја договори идната динамика на работата, како и заедничката основа за размена на добри практики и искуства за интензивирање на директна соработка во овие области.
Втората работна група којашто ги вклучува областите транспорт и врски, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, како и соработката во областа на информатиката и комуникациите, ги постави определбите за работите на Коридорот 8, како и поврзувањето со другите патни правци долж границата на двете земји.
Оваа работна група за свој приоритет го постави воспоставувањето на авионска линија Софија-Скопје, како и заложбата колку што може побргу значително да се намали цената на роамингот меѓу двете земји.
За европските интеграции, зелените политики и доброто владеење во третата работна група се поставени основите за поддршка и соработка на европските интеграции на Република Северна Македонија, како и за заеднички иницијативи во проектите опфатени со стратегијата „Зелен договор“ на ЕУ.
Четвртата работна група која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, и младите и спортот си постави за задача да бидат преземени чекори од двете страни чекори за изготвување на сеопфатна програма за соработка во овие области.
Денеска состанок одржаа и копретседавачите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и го утврдија календарот и динамиката на средбите во 2022 година, што беше првото денеска за кое се пофали Петков.