Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кажа дека членовите и симпатизерите на СДСМ 10 години биле најдискриминирани граѓани во државата и не треба да биде чудно што сега се вработуваат во јавни институции. Манчевски додаде дека Антикорупциската комисија треба да провери дали во новите вработувања има и непотизам и судир на интереси.
„Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. 10 години на сите членови на СДСМ им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата. Сега има Антикорупциска комисија и сето она за што се смета дека е проблематично треба да се поднесе претставка и да се одлучува по неа“, кажа Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање околу вработувањата во администрацијата на луѓе блиски до владини функционери.
Манчевски и министерката за правда Рената Дескоска денеска потпишаа меморандум за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.