Д-р Јован Божиновски е именуван за нов в. д. директор на Клиниката за неврологија, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу. На 10 октомври Алиу го разреши претходниот директор д-р Игор Кузмановски, откако доцна вечерта, се појави видео со Кузмановски, во домашна атмосфера, каде меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице.
„Ако е малце измешано одма ти го враќам, ќе ги фрлам, јас не можам со спид и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро“, му вели Кузмановски на соговорникот во видеото.
Министерот денеска рече дека Лекарската комора го известила оти на д-р Кузмановски му била истечена лиценцата, а на новинарско прашање дали ќе му биде продолжена или издадена, рече дека Комората е надлежна за тоа.
„Формирана е комисија од Министерството за здравство, побарав инспекциски надзор за работата на докторот. Се испитува во ‘Мој термин ‘дали во периодот од 15 март, кога му истекла лиценцата, до 8 август, кога станал директор, работел со пациенти. Случајот ќе го испитува и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Повеќе од ова не можам да дадам информации“, рече министерот.
Д-р Божиновски рече дека Клиниката се наоѓа во специфичен момент, но уверува дека ќе функционира непречено. Тој најави дека и на Клиниката ќе има две комисии кои ќе ја испитаат работата на д-р Кузмановски.
Б. НЕСТОРОСКА