Премиерот Зоран Заев кажа дека тој и претседателот Ѓорге Иванов треба да помагаат на граѓаните, а не да им одмагаат, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на Иванов од утринава дека Заев е несериозен и манипулатор.
„Граѓаните се тие кои што ќе одлучат на референдум секако, а јас како премиер и господинот Иванов како претседател, треба да им помогнеме на граѓаните, не да им одмогнеме. Во таков случај, јас верувам, ние ќе имаме состаноци, таму можеме да ги вадиме сите аргументи. Секој да постапува, согласно своите надлежности, но да не заборавиме дека сме поставени, номинирани од граѓаните. Тие не поставуваат, тие не менуваат и согласно тоа, за вакво важно прашање одлучивме референдумското изјаснување да биде многу важно“, изјави Заев на Бизнис форумот – Инвестициски можности и проекти во секторите транспорт, енергетика и животна средина.
Заев вели дека донел одлука да направи сè да се склучи договор со Грција, кој што ќе биде достоинствен и ќе го сочува нашиот идентитет и ќе ги чува интересите на граѓаните на двете земји и на тој начин, како што кажа, да се обезбеди евроатлантска перспектива
„На крајот, важно е референдумското прашањето и од тој аспект само апелирам до сите политички чинители, да бидеме внимателни и да им помогнеме на граѓаните, а не да им одмогнеме во демократското право на носење на одлуки“, кажа Заев.