ДА НЕ СЕ ЧАТАЛИМЕ МНОГУ, НИКОЈ НЕ ГИ НОСИ ГЛАСОВИТЕ В ЏЕБ, РЕЧЕ ЗАЕВ ЗА ИЗЈАВИТЕ ОД ДУИ ДЕКА ТИЕ МУ ЈА ДОНЕЛЕ ПОБЕДАТА НА ПЕНДАРОВСКИ

    ДА НЕ СЕ ЧАТАЛИМЕ МНОГУ, НИКОЈ НЕ ГИ НОСИ ГЛАСОВИТЕ В ЏЕБ, РЕЧЕ ЗАЕВ ЗА ИЗЈАВИТЕ ОД ДУИ ДЕКА ТИЕ МУ ЈА ДОНЕЛЕ ПОБЕДАТА НА ПЕНДАРОВСКИПремиерот Зоран Заев најави дека промени ќе има и на локално и на централно ниво, но дека ќе има и промени во СДСМ, каде што е претседател. - Заев и Пендаровски по прогласувањето победа на вчерашните претседателски избори (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев рече дека политичарите не располагаат со гласовите на граѓаните, одговарајќи на новинарско прашање дали победата на Стево Пендаровски на претседателските избори му ја донеле гласовите од ДУИ, како што имало изјави од претставници на оваа партија.

    „Да не се чаталиме многу, никој не ги носи гласовите на граѓаните во џеб, ниту политичарите, ниту партиите. Видовме дека во изборот на претседател имаа влијание гласовите од сите етнички групи и партии и Стево Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани. Им се заблагодарувам и на гласачите на Блерим Река и на двете опозициски партии кои ги ослободија гласачите да излезат и да гласаат и да избереме претседател“, рече Заев по одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во Владата.

    Тој кажа дека промени ќе има и на локално и на централно ниво, но дека ќе има и промени во СДСМ, каде што е претседател.

    „Анализите ќе покажат каде треба да се направат промените, но прво мора да бидат прогласени изборите. Јас сум одговорен за извршната власт, односно ќе има промена во владата од аспект на заменици министри, државни секретари во државните јавни претпријатија и акционерски друштва. Но, ќе има и промени и во партијата каде што сум претседател на носители на функции на локално и централно ниво“, рече Заев.

    Тој кажа дека за овие промени ќе разговараат и во СДСМ, бидејќи партијата има статут и свои правила и дека тој е претседател има влијание, но дека за промените во извршната власт не одлучува сам.

    „Анкетите и анализите ќе покажат кој ќе биде тоа, тие што најмалку сработиле и таму каде незадоволството од граѓаните е најголемо“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира