Комисијата за заразни болести на денешната седница одлучи да му предложи на Министерството за здравство и на останатите надлежни да не се одложува почетокот на второто полугодие од учебната година, поради епидемијата со мали сипаници во Скопје. Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Миле Босилковски вели дека комисијата како советодавно тело одлучила дека нема потреба да се продолжува зимскиот распуст.
„Извештајот е готов, сѐ уште не е предаден во Министерството, бидејќи не е потпишан. Ценевме дека нема потреба да се продолжува учебната година. Сепак, тоа е наш предлог. Како ќе одлучат министерствата и другите надлежни тоа е нивна работа, бидејќи ние сме само советодавно тело“, вели д-р Босилковски.
Д-р Жарко Караџовски, член на Комисијата за заразни болести, вели дека нема заболени школски деца поради што сметаат дека не треба да се продолжи распустот и дека вкупно досега се заболени 58 лица.
„Дадовме препорака и сите здравствени работници што работат со деца, а кои не се вакцинирани да се вакцинираат“, вели д-р Караџовски.
Од Клиниката за инфективни болести велат дека околу 30 пациенти со мали сипаници се хоспитализирани кај нив и дека имаат неколку посериозни случаи.
„Ова се бројките од утрово, меѓутоа бројките се менуваат. Има и возрасни и деца, но повеќето се деца“, вели д-р Сања Петрушевска-Маринковиќ, од Клиниката за инфективни болести.
Е. БОЧВАРОСКА