ЛГБТИ – Центарот за поддршка слави 10 години од основањето. Токму на денешен датум 21 октомври (2021 година) кога првпат се отвори, беше нападнат со молотови коктели и тврди предмети. Центарот во првите часови од постоењето беше искршен, а дел од членовите и гостите повредени. Овој беше само првиот напад, сторителите до денеска не се откриени и казнети.
До денеска, тој случај органите на прогонот не го расветлија, што низ годините им даде алиби на многу граѓани, верници па и луѓе од политиката да шират говор на омраза по социјалните мрежи и во емисии, а на многумина „мачо“ мажи да ги тепаат по улица ЛГБТИ-луѓето и да не одговараат пред законот за тоа.
Поради тоа, рече извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи Уранија Пировска, многу од нападите денеска врз геј, трансродовите луѓе и други припадници на ЛГБТИ-заедницата, тие и не ги пријавуваат.
Пировска со жалење констатираше дека на почетокот на неделата на прославата на јубилејот, дојдоа само два медиума, иако таа сакала да им се заблагодари на сите за поддршката низ годините. Зборуваше за времето кога ЛГБТ-луѓето, ама и невладините организации кои ги поддржуваат и работат со нив, одејќи по улица се вртеле зад себе во страв да не бидат тепани.
Констатираше, сепак, дека сега климата е послободна, безбедноста на припадниците на оваа заедница на некој начин е нешто нормално, но дека останува дамката на нерешените случаи, поради кои сè уште има последици.
Три геј-паради успешно ги обезбеди полицијата, но нападите не се расветлија. Ај што не најдоа сторителите и не се казнија, органите на прогонот не се заинтересирани за говорот на омраза кон припадниците на ЛГБТИ-заедницата. Иако се знае дека неказнивоста поттикнува напади, сепак ние во Македонија имаме за жал само една или две пресуди за говор на омраза. Главните личности кои ширеа и сè уште шират говор на омраза, останаа неказнети и сè уште не се знае – зошто“, рече Пировска која потсети: „Да не заборавиме дека Македонија сè уште останува хомофобично општество!“.
Кочо Андоновски, програмски директор на Центарот, кажа дека за среќа оваа хомофобија денеска не е алатка на политичките партии за остварување дневно-политички цели. Смета дека новата генерација ЛГБТИ-луѓе растела во поинаква клима и дека има поинаква иднина, и оти ќе има сосема други спомени од својата младост кога се реализирале себе си. Едно е стар да се реализираш како ЛГБТИ – личност, а поинаку е тоа да го направиш млад, смета тој.
Инфраструктурно, многу е важно за овие луѓе претставувањето во Парламентот, преку Интерпарламентарната група и пратеничката Маја Морачанин од ДОМ. Втората инфраструктура, рече Андоновски, е отворањето на шелтерот (сигурната соба за ЛГБТ-лица). Трето, обидот за самоодржување, преку формираниот социјален центар „Комитет“, со кој во дел ќе се стопанисува.
„Најновиот предизвик е политичкото претставување на ЛГБТИ-заедницата. Се надеваме дека ќе биде дел од Интерпарламентарната група во Собранието и самите да бидеме свој медиум за претставување и застапување“, рече Андоновски.
С. К. ДЕЛЕВСКА