ДА СЕ ОБЈАВУВААТ И НЕПРАВОСИЛНИТЕ ПРЕСУДИ ОД ВИСОК ЈАВЕН ИНТЕРЕС, ДОНЕСЕ НАЧЕЛНО МИСЛЕЊЕ ВРХОВНИОТ СУД И ТОА МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА

    ДА СЕ ОБЈАВУВААТ И НЕПРАВОСИЛНИТЕ ПРЕСУДИ ОД ВИСОК ЈАВЕН ИНТЕРЕС, ДОНЕСЕ НАЧЕЛНО МИСЛЕЊЕ ВРХОВНИОТ СУД И ТОА МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВАОткако по пресудата за предметот „Трезор“ се укина и онаа за „Тврдина-Таргет“, а јавноста не прочита зошто всушност се укинати од Апелација, Врховниот суд свика општа седница.- Претседателката Беса Адеми. (Фото: СДК.МК)

    Врховниот суд денеска одржа Општа седница на која утврди Начелен став, според кој и неправосилните пресуди, како што се за „Тврдина-Таргет“ и „Трезор“ кои ги укина Скопска апелација, а не ги објави, ќе мора да се објавуваат оти се од висок јавен интерес.

    „Донесените одлуки (пресуди и решенија) кои не се правосилни и кои се однесуваат на предмети од јавен интерес, судовите да ги објавуваат на веб страницата на судот“, утврдува Начелниот став на Врховниот суд.

    Начелниот став на Општата седница бил предложен од претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, по острите реакции во јавноста и во правната фела дека Апелациониот суд не ги објави одлуките за укинување на предметот за незаконското масовно прислушување, како и тој за нелегалната набавка на британската прислушна опрема.

    „Достапноста до судските одлуки е особено значајно за судската, стручната, медиумската и граѓанската јавност. Со ова, преку конкретно решавање на правното прашање, се исполнуваат целите на транспарентноста, систематизирани во Уставот како највисок правен акт, во нормативната рамка на процесните и системските закони, Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човекови права“, образложи претседателката на Врховниот суд.

    Врховниот суд го донесе Начелниот став врз основа на член 37, став 1, алинеја 1 и 3 од Законот за судовите, според кои Општата седница утврдува начелни ставови и разгледува прашања во врска со работата на судовите.

    Исто така, Општата седница донесе Заклучок за поднесување Иницијатива до Министерството за правда за измени на одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите. Според законските измени донесени во 2020 година, неправосилни одлуки, не смеат да се објавуваат. Само одлуките што се правосилни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира